Козаров одговори на дилемите на ВМРО ДПМНЕ

Јуни 22, 2020

 

Директорот на ЈП Водовод-Битола, Горан Козаров им одговори на прашањата на ОК на ВМРО ДПМНЕ изнесени на  прес конференција. Одговорот ви го пренесуваме во целост.  

 

Почитувани од ВМРО ДПМНЕ!

Како и за секој друг конструктивен потег или зафат, што оваа локална и централна власт ги презеде, така за проект кој е од огромно значење за Битола , битолчани и вработените во ЈКП Водовод и е се уште во зародиш или почетна фаза, вие зборувате непотребно!

Ајде да ви појасниме на што вие всушност реагирате: ЈКП Водовод е единственото јавно претпријатие во Битола кое нема своја управна зграда и кое плаќа кирија. Трошоците кои досега се одлеваат на сметки, кирија и греење треба да станат минато и да се пренаменат во нешто попродуктивно како новиот објект кој планираме и се надеваме ќе се изгради. Новиот објект, покрај тоа што ќе биде поголем од досегашните 800 метри квадратни, се предвидува да биде изграден по најсовремени стандарди и пристапен за сите. Сега сме во почетна фаза, односно ќе се објави тендер и ќе се пристапи кон барање на најдобрата понуда, потоа следува СВОТ анализа за тоа дали ќе се изгради или не, а кој ќе го добие тендерот- ако тоа воопшто ве загрижува- и за колкава сума ќе се гради управната зграда, ќе се знае кога целиот овој процес ќе заврши на најтранспарентен начин. Вкупната планирана инвестиција на ЈП Водовод е 35 милиони денари но колку ќе чини ќе знаеме после завршувањето на сите фази, а она што Општината ги ослободува од комуналии е 4 милиони денари или вкупно околу 40 милиони денари, инвестиција што ќе ја направи ЈП заедно со Општина Битола. Но тука ќе се земе предвид и будно ќе се следи развојот на кризата со Ковид- 19 од што и најмногу зависи дали овој објект ќе се гради или не.

Можеби вие треба да одговорите како во 12 години локална власт не сте направиле ваков потег или немавте визија од „други“ работи.

И, бидејќи сте многу загрижени за менаџирањето на ЈКП Водовод и на ДООЕЛ Хидро Енерго Проект, ми претставува задоволство што ми го поставивте ова прашање.

Особено сум горд на моменталната финансиска состојба на претпријатието со кое јас раководам. Сведоци сме за начинот на работа на ова претпријатие, за зафатите кои ги преземаме и за брзината на реакција при дефект, скратувањето на прекувремените непотребни саати, на воведувањето ред и дисциплина во Водовод на почитување на колегијалноста и човечноста. Навремено се известуваат граѓаните за прекин на снабдувањето со вода  и ред други работи. Особено сум горд што кадар од профилот на Оливер Сливовски го раководи ДООЕЛ Хидро Енерго Проект.

Оливер Сливовски е компетентен, стручен и совесен работник, именуван преку УО, а не вработен како што милувате да извртувате и лажете нешто по кое сте познати. За неговото именување се запазени сите постапки, правила и прописи. За ваша информација, Сливовски е магистер по хидраулика и пневматика при Машински факултет во Скопје, а моментално го привршува неговиот докторат на Техничкиот факултет во Битола.

Такви кадри, господа од ДПМНЕ, би било чест да се дел од секој колектив, а мене ми претставува чест што тој прифати да биди дел од тимот кој воведе голем број на промени во јавното претпријатие. Таа е разликата помеѓу вас и нас, но вас тоа може да ви пречи  и да пишувате беспредметни пресови колку да се каже нешто!

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани