АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Македонското научно друштво-Битола, најстарата организација во државата посветена на научно-истражувачката и публицистичка дејност, одбележа 60 години од своето постоење. На централната манифестаија по повод јубилејот синоќа МНД им додели благодарници и признанија на повеќе институции и поединци од градот и државата, членови на Друштвото, поранешни претседатели, истакнати активнисти и други соработници. Исто така, по повод јубилејот е изработена "кристална коцка" со амблемот на МНД, а таква "кристална коцка" беше доделена и на дел од присутните на манифестацијата.
-Оваа "кристална коцка" припаѓа на сите генерации, на сите оние кои придонесуваат и искрено работеле и работат за МНД, токму поради тоа оваа голема кристална коцка ќе биде поставена во просториите на МНД, рече Марјан Танушевски, претседател на МНД-Битола.
Посебно признание му беше врачено на м-р Јован Д. Кочанковски (89 г.) единствен жив од 12-те потписници на иницијативата за формирање научно друштво во Битола во 1960 година.
-Јас во тоа време бев наставник по историја. Тогаш немавме научници, имавме наставници и професори. Се собравме пред 60 години, а иницијатори беа браќата Душан и Милош Костатинови. Се собравме со една основна цел, колку што е можно да помогаме на наставниците по историја и да се интересираме за минатото, за историјата на Битола и за тоа да зборуваме. Друштвото денес има голем број членови, магистри и доктри на науки, кои дале свој придонес во науката и придонес за афирмација на Битола како град кој е заинтересиран за науката, а доказ е формирањето на Битолскиот Универзитет, рече м-р Јован Кочанковски.
На манифестацијата присуствуваше и академик Владо Камбовски, кој е член и на МНД-Битола.
-60 години е значаен јубилеј, затоа што е ова првото научно друштво кое се појавило во тие години токму во Битола, затоа што е раседник на знаењето, науката и уметностите. долга е листата на врвни научници и уметници кои потекнуваат од Битола. Само од битолската гимназија излегле 18 членови во МАНУ. По ова, се формира МАНУ, потоа и други друштва, рече Камбовски.
Јубилејните манифестации и програмски активности на МНД-Битола се одржаа под покровителство на градоначалникот на Битола Наташа Петровска,
-Претставува привилегија да се биде градоначалник во време кога се слави голем јубилеј и традиција што ја востановиле плејада научно-стручни и културни дејци. Длабок респект кон сите членови на МНД-Битола кои во минатото и денес се вградиле со своето делување, со сета егзактност, чистота, со сета артистичка уникатност, со сета разумна творба која дава посебен белег во значењето на човека. Изминаа шест децении во кои Друштвото напиша безброј содржини, сведоштва за поминатото во овој град, но и регионот. Низа едиции ја потврдуваат животворноста на овие простори кои МНД-Битола овозможило да го видат светлото на денот и засекогаш да останат како трајно сведоштво, рече Петровска.
За долгодишна соработка, афирмација и поддршка на Друштвото, МНД-Битола им додели јавни благодарници и признанија на претседателот на Македонија Стево Пендаровски, Општина Битола, МАНУ, Министерство за култура, други национални и локални установи, а меѓу нив и дел од битолските медиуми