АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Цената на водата во Битола ќе поскапи следната, 2021 година за 0,73 дени на метар кубен за домаќинствата, а еден денар за фирмите, соопшти директорот на ЈП „Водовод“ Горан Козаров. Тој образложи дека откако пред три години започна со работа Регулаторната комисија за водите, таа им дава цена на чинење на водата за регулиран период од четири години. Покачувањето на цената за идната година, Козаров вели дека е минимално и се должи на доброто работење на Јавното претпријате „Водовод“.
„Ова минимално поскапување се должи на доброто работење на Јавното претпријатие, добро планираните инвестиции, остварување на планираните работи, намалување на трошоците за одржување на мрежата. Сето тоа беше разгледано од Регулаторното тело. Изработен е бизнис план за водни услуги, сите поминати години со завршни сметки и идните инвестициски планови беа разгледани и така се стигна до оваа цена. Кога се поскапува не е добро..Но, ние дадовме предлог да остане истата цена за 2021 година. Сепак, беше невозможно да се помине тој план согласно инвестициите што ги имавме во изминатите три години, цената мораше да се покачи“, изјави Козаров.
Во 2017 година кога за првпат Регулаторната комисија даде цена, поскапувањето за физичките лица беше 2,5 денари за метар кубен, а за прваните 2,8 денари. Поскапување на цената на водата имаше и во 2009 година кога се поскапи од 14 на 30 денари, односно поскапување за 115 проценти, па во 2010 година тогашната власт поради притисоците од граѓаните ја намали цената на 24,25 денари за метар кубен.
Сепак, граѓаните можат со рационално трошење на водата сами да придонесат да не плаќаат големи сметки.
„Домаќинлукот е како синџир. Ние се можеме да работиме домаќински, но некои од крајните потрошувачи со големо трошење на водата, злоупотреба на водоводниот систем прават количините кои не се регистрирани и не се наплатени од граѓаните, таа загуба Регулаторната комисија да ја вкалкулира, а истовремено и трошоците за одржување на водоводната линија и производство на вода испорачана до граѓаните. Доколу сите штедиме вода, а тоа е светски тренд за што е потребна едукација на граѓаните од најмала возраст , можеби еден ден ќе имаме граѓани кои ќе се грижат многу за водата која во иднина ќе биде најбаран ресурс. Така ќе се научиме да ја штедиме за да имаме пред се помали сметки, да имаме вишок на вода и да нема потреба да се поскапува“, рече Козаров.