2win800x200

Петре М. Андреевски ќе добие спомен соба во родната Слоештица

Септември 15, 2020

Великанот на македонскиот пишан збор, романописецот, раскажувач и поет Петре М. Андреевски (1934-2006) конечно ќе добие спомен-соба во родното село Слоештица, Демирхисарско. Таа ќе биде сместена во некогашниот Задружен дом, кој ќе се реконструира и ќе прерасне во нов Мултифункционален центар што ќе понуди и сместување за туристите. Активностите Општина Демир Хисар ќе ги спроведува во рамки на проектот „Откривање на скриените атракции“, финансиран во рамките на ИПА Прекуграничната програма меѓу Северна Македонија и Албанија.

 

„Со изградбата на новиот Центар ќе биде уредена и спомен-соба на Петре М. Андреевски, кој во родната Слоештица меѓу останатите дела ја напиша и легендарната ‘Дениција’. Во спомен-собата ќе бидат изложени и дел од неговите лични предмети кои ги подари неговото семејство“, соопшти Општина Демир Хисар.

Мултифункционалниот центар ќе опфаќа површина од над 600 квадратни метри, а во негови рамки ќе биде отворена и продавница за локални производи: лековити билки, планински чаеви, печурки, шумски плодови, сувенири и ракотворби автентични за демирхисарскиот крај. Исто така, ќе биде адаптирана летна сцена на која ќе се одржуваат настани атрактивни за пошироката публика и домашните туристи.

Со проектот „Откривање на скриените атракции“ село Слоештица прераснува во туристичка атракција пред се’ поради природните убавини, валавиците и планинарските патеки во непосредна близина, кои исто така ќе се уредат и обележат. Ќе биде уреден и видиковец и неколку места за одмор и рекреација околу селото. Вредноста на овие инфраструктурни зафати изнесува 150.000 евра, додека севкупната поддршка од ЕУ за партнерите од двете земји е 485.000 евра.

Заедно со Демир Хисар, општина Клос од Албанија и невладините организации „Арт поинт Гумно“ од с. Слоештица и ФЛАГ од Тирана ќе развијат туристички патувања исполнети со локални искуства како планинарење, часови за готвење, оф роуд авантури, изработка на домашни ракотворби, собирање лековити билки и други автентични доживувања заедно со локалното население.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани