АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
На денешен ден точно пред 14 години, во 2006 година, почина великанот на македонскиот пишуван збор, романописецот, раскажувач и поет Петре М. Андреевски (1934-2006). Неговото почивалиште се наоѓа во родната Слоештица, село во Демирхисарско за кое има најава дека за скоро преку фондови од ЕУ за прекугранична соработка ќе биде обновен Задружниот дом,а во него и опремена спомен соба за големиот македонски творец.
Петре М. Андреевски се вбројува во најзначајните и најистакнати современи македонски писатели, чии дела, а особено стихозбирката „Дениција“ и романот „Пиреј“ се неодминливо четиво за многу љубители на пишаниот збор. Првата самостојна збирка песни, „Јазли“, ја објавил во 1960 година, а по неа следувале збирките: „И на небо и на земја“ (1962), „Дениција“ (1968), „Дални наковални“ (1971), „Пофалби и поплаки“ (1976), „Вечна куќа“ (1987) и „Лакримариј“ (1999).
Негово прво прозно дело се расказите „Седмиот ден“(1964), а потоа расказите „Неверни години“ (1974), романите „Пиреј“ (1980), „Скакулци“ (1984), „Небеска Тимјановна“ (1989), збирката раскази „Сите лица на смртта“ (1994), романот „Последните селани“ (1998) и романот „Тунел“ (2003).
Пишувал и поезија за деца, па неговите збирки за песни се и дел од задолжителите лектири во основно образование. Тоа се збирките „Шарам барам“ (1980) и „Касни порасни“ (1992). Постхумно се објавени неговите раскази „Боемите“ и недовршениот роман „Бежанци“.
За своието врвно творештво добитник е на многубројните награди: „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата, „11 Октомври“, Рациново признание, наградата „Стале Попов“ на Друштвото на писатели на Македонија и други.
Пролетва од печат излегоа ексклузивни изданија на десет дела на Петре М. Андреевски, илустрирани од неговата внука Воскресија Андреевска.