Во Битола епидемијата брзо и сигурно згаснува - барем до доаѓањето на британскиот сој на вирусот B.1.1.7, пишува професорот Дејан Трајковски во својата најнова анализа за состојбата со Ковид-19 во Битола.
Да се надеваме дека новиот вирус ќе го посети нашиот град меѓу последните.
14-Дневната инциденца изнесува 73 нови случаи на 100.000 жители (зелената крива на првиот дијаграм) и помала е речиси за три пати во однос на македонскиот просек (црвената крива). Изгледа како државниот воз да испаднал од шините. Дали можеби во другите градови започна тивок раст на бројките?
Со денешното масовно затворање на 60 заборавени активни случаи, официјалниот број на активни случаи (165) прилично се приближи до реалниот број (околу 104). Ова многу убаво се гледа од фазниот портрет I-T (активни наспроти вкупно случаи, на втората слика). Бројката на активни случаи е во слободен пад и речиси ја достигна теоретската, црвена линија. На хоризонталната оска одвај се забележува пораст на вкупниот број на случаи. Ако пред еден месец прогнозиравме дека вкупниот број на случаи до крајот на епидемијата нема да надмине 3.300, сега можеме дури и да ја намалиме прогнозата на 3.270.
На третиот дијаграм гледаме дека со текот на времето кривата на вкупниот број на случаи (сината) фантастично се израмнува, точно според експоненцијалниот модел на намалување (црвената линија), наговестувајќи постепено приближување на крајот на епидемијата. Ако не знаевме дека британскиот сој на вирусот е на пат, ќе можевме веќе да кажеме дека се гледа крајот на епидемијата, барем во нашиот град. За почеток, ќе бидеме задоволни да дојдеме до спорадично заразување, што за Битола изнесува просечно 1,5 нови случаи дневно.
Бројката од 73 нови случаи за 14 дена ја прават повисока поголемите бројки од пред 10-14 дена. Доколку ги гледаме само бројките од последните 9 дена, според инциденцата веќе би биле во зоната на умерен (втор) степен на ризик од ширење на епидемијата. Со 14-дневен морталитет од само 2 починати на 100.000 жители, но што е уште поважно и со значително намалена стапка на позитивни тестови (ИЈЗ не дава преглед по градови, но знае Тони Коњановски, главниот епидемиолог на Битола), се уште сме во третиот (висок) степен на ризик, но за многу кратко време би требало да преминеме во втор степен на умерен ризик од ширење на епидемијата.
Поаѓајќи од реалниот број на активни случаи (околу 104) и стапка на хоспитализираност од околу 11,5%, можно е во битолскиот ковид-центар да има само околу 12 битолчани на лекување. Многу важно е овој број што побргу да се намали на едноцифрени вредности, за да можеме да го дочекаме евентуалниот нов бран со празна болница и колку-толку одморен медицински персонал.