Од денешна перспектива 27 април, 2017 го оценувам како немил настан во кој доминираше моќта на манипулацијата која режимската камарила ја изврши врз толпата народ за тие да го извршат злосторството врз нас, таму присутните, пишува во статус на ФБ, Александар Кирацоски поранешен пратеник и генерален секретар на СДСМ, четири години по крвавиот четврток.
-Иако имаше судска разврска, сепак, таа не стигна до главниот виновник - наредбодавачот, денес сеуште на слобода, која нималку не ја заслужува. Зошто? Времето ќе покаже.
Но, праведноста за жал не е апсолутна величина, а правдата и вистината не' секогаш доаѓаат до израз, или барем не во право време.
Денес, иако нашата Македонија пишува сосем ново поглавје, движејќи се кон современите предизвици, сепак многумина со положен тест за полтронизам и исполнети критериуми за конформизам тивко ја кородираат основната, базична причина и идеологијата чија моќ го урна режимот.
Денес, лузните и сеќавањата бледнеат, но остануваат фотографиите и снимките да сведочат за една група луѓе кои рамо до рамо беа последниот бедем на демократијата, подготвени да го дадат и својот живот во походот да обезбедат подобро утре за идните генерации, стои во статусот на Кирацовски на ФБ.