2win800x200

Заврши скусената школска година, допрва ќе се одлучува како ќе се продолжи од септември

Јуни 10, 2021

 

За основците и средношколците денеска е последниот училиштен ден во учебната 2020/2021 година. Според изменетиот Календар за организација на работата на училиштата (основни и средни) почетокот беше одложен за 1 октомври, а бројот на наставни денови намален од 180 на 159.

Учебната година почна еден месец подоцна поради потребата антиковид-протоколите за реализација на различни начини на настава да бидат законски усвоени во Собранието кое, пак, требаше да биде конституирано по одржаните парламентарни избори минатиот јули.

Во двете полугодија образовниот процес беше организиран по комбиниран модел – мнозинството ученици следеа настава на далечина, главно преку платформата Мајкрософот тимс, а на часови со физичко присуство беа најмалите до трето одделение и од повисоки одделенија во помали училишта – подрачни и во рурални средини. Ученици без ИТ-уреди имаа можност за настава на Македонската радио-телевизија и добиваа печатени материјали.

МОН во соработка со Комисијата за заштита од заразни болести и Министерството за здравство, ќе утврдува како ќе се реализира наставата во 2021/2022, што ќе зависи од состојбата со коронавирусот во земјава. Министерката Мила Царовска вчера изјави дека е во постојана комуникација со премиерот и министерот за здравство во врска со враќањето на учениците на 1 септември во училиштата.

-Сите ние имаме една иста желба, а тоа е во септември да ги видиме училишните дворови полни со детски насмевки, училниците да се полни со ученици, а тоа најмногу ќе зависи од епидемиолошката состојба, рече Царовска.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани