2win800x200

На денешен ден роден е Илија Спировски Панде, учесник во НОБ

Јули 03, 2021

На денешен ден, 3 јули 1920


Во село Избиште, Преспанско, роден е Илија СПИРОВСКИ-Панде, припадник на македонското националноослободително и комунистичко движење во Вардарскиот дел на Македонија, учесник во Антифашистичката војна, политичар, економист и општественик.

Учи во Ресен и во Трговската академија во Битола. Работи како сужбеник и беше активно вклучен во работата на комунистичката партиска организација во Ресен. Другаруваше со Мите Богоевски од периодот пред Втората светска војна и со него дејствуваше по скоевска линија во повеќе акции против асимилаторската и денационализаторската политика на големосрпскиот режим.

Веднаш по германската и бугарската фашистичка окупација го раководеше Фондот за прибирање оружје, храна, облека и други средства потребни за вооружената борба. Беше поставен за заменик политички комесар на партизанскиот одред „Даме Груев“, а потоа за секретар на Поверенстиото на Комунистичката партија на Македонија (КПМ) за Преспа. Еден период беше заменик политички комесар на баталјонот „Стив Наумов“.

По ослободувањето од фашистичката окупација зазема повеќе раководни должности: секретар на Окружниот комитет на КПМ во Ресен, секретар на Окружниот народноослободителен одбор во Битола, министер за финансии во Владата на Народна Република Македонија (НРМ), директор на Народната банка на Македонија, републички и сојузен пратеник. Носител е на „Партизанска споменица 1941“, Орден за храброст и други одликувања и награди. Почина на Воено-медицинската академија во Белград, Србија, на 19 април 1971 година, а закопан е во Алеата на великаните во Скопје.

 

 

Подготвил: д-р Александар Литовски, историчар

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани