АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Во последното столетие од особен политички интерес на Балканот е една научна гранка, а тоа е историјата. Навидум ќе си помислите дека државите вложувале во неа, ја развивале, ја унапредувале со цел истата да и послужи на човештвото, пренесувајќи ги искуствата и сознанијата од минатото. Првиот поглед секогаш лаже. Историјата на Балканот е оружјето на неостварените деветнаестовековни идеали, желби и претензии. Таа е одличен инструмент и на владеачките елити кои во неможност да им дадат нешто друго на своите избирачи, постојано ги дозираат со национализам, национални предавства и успеси, кои се како магла зад која стои грдата слика на општиот хаос. Токму во овој контекст може да се каже дека историјата односно општествените науки на Балканот се јатаганот на политиката.
Започнувајќи од народната перцепција за историјата, треба да се каже дека кај нас на историјата се гледа пред се како на еден чувар на државата и традицијата. Безбедно место во кое незадоволните од реалноста, безброј пати се навраќаат кон славното минато повторно реосудувајќи ги оние кои тоа минато им го одзеле. Теми и зборови присутни во безмалку секој политички говор на секој еде политичар изминативе скоро триесет години. Но како науката онаа која во вистинска смисла е олицетворение на истражување, проучување и исчезнување на резултатите преживува? Соочувајќи се со бројни економски проблеми, техничко просторни, кадровски, со еден збор речено колапс на сите основни начела за организирана научна работа, науката е особено свитлива под политичкото влијание. Многумина ќе помислат„науката сама се става во контекст на интересите на државата“, но приказната е сосема поинаква. Науката е приморана да се подвиткува на секој оној кој ќе вложи определена сума финансии, кои ќе овозможат лично и професионално исполнување. Во принцип се добива нешто како северно корејската политика наречена „политика на подароци“ каде секоја година врховниот лидер, доделува скапи подароци на најпослушните, највредните односно оние чија лојалност најмногу му треба.
Духовите од минатото често се ставаат и во контекст на иднината или како што нашите политичари често умеат да речат „патот кон прогресот“.Навидум нелогичен термин, секојдневна тема, бидејќи прогресот сам по себе филозофски гледано значи напредок, патување од една состојба до друга. Колку овој нелогичен израз во суштина ја дообјаснува нелогичноста на нашиот пристап кон напредокот е сосема посебна приказна и интересно поле за размислување. Нашата држава како една од мноштвото земји кои по 1991 година го променија политичкиот систем, од еднопартиски во повеќепартиски, наеднаш стави крај на старото искуство. Одново реизградувајќи го општеството, трудејќи се да се вклопи во современите политички текови и новата светска политика, тргна по „патот на прогресот“. За да определиме што е посакуваниот прогрес и кој прогрес сакаме да го постигнеме, треба пред се да ја согледаме перцепцијата на народот, од кој патем произлегуваат и неговите раководители- политичарите. Македонија како земја која во периодот пред Втората светска војна беше сиромашна, заостаната во инфраструктурниот, производниот сектор, со голема стапка на неписменост, без здравствена заштита, во период 1944-1991 напредуваше силно. Незавлегувајќи длабоко во историските процеси, доволно е да кажеме дека основниот дел од економско производната база, обраованието, здраствената заштита, мношто културни институции беа формирани токму тогаш. Ова самото по себе беше огромен напредок на целокупноста наречната македонско општество.
Независноста донесе нови предизвици. Повеќепартиски систем, нови економски политики, нова политичка реалност во светот, безмалку се загубија сите ориентири на дотогашното опшестество. Тука духовите на минатото односно историјата го зазедоа предното место во утврдување на тоа кој е крив за сегашната состојба. Се создаде една политичка клима која безмерно се поклопува со идеите на Али ефенди од XVIII век. Еден интелектуалец во османлиската држава, кога истата ги доживеа најголемите порази предложи едно интересно решение: „Сегашната состојба е лоша, бидејќи ги заборавивме добри обичаи од минатото“. Непознавајќи го овој автор но сите политики кои ги градеа властите одеа кон овој прилог. Раскрстување со душманите од минатото, лустрации, монографии, политичка пропаганда и уверување во „исконскиот корен“ на македонецот. Новата власт соочувајќи се со проблемите кои ги натрупа предходната власт, додека и бркаше духовите на минатото, истоти проблеми се обидува да ги реши со она што условно би sе нарекло духови на иднината. Ставено во секојдневен контекст тоа би биле оние среќни денови кои сите ќе ги доживееме по интеграцијата во ЕУ и НАТО. Што е суштинското на двете политики? Двете се базираат само на зборови, со без вооопшто или со сосема малку практични дела. Директно кажано две тотално нефукционални спротивности. Сходно на политичките поделби овие два духа се надвија над населението, делејќи ги, покрај веќе постоечките поделби на уште една а тоа е прогресивни или заглавени во минатото. Безмалку овие категории функционално не одговараат ниту на едната ниту на другата група. Накратко речено едно општество во кое владее популизам, но никако здраворазумна држвана политика на надворешен и внатрешен план.
Од особен интерес е секако и судирот на духовите од минатото и иднината. Овие судири најчесто доаѓаат кога за да стигнете во иднината, ќе ве натераат да расчистите со минатото, посебно дококу некој го има ултимативното право и рецептот како да се прилагодите и да ги разрешите проблемите. Рецепти и решенија кои произлегуаат од политичката кујна и незавршените, неостварени деветнаестовековни идеали, крикот на современиот национализам и фашизам. Спојот на овие два духа, односно пренесувањето на чистата историска линија во современ контекст, нејзиното користење за некакво епско спојување на тогашното и сегашното, под еден општ контролен конец на политиката не значи ништо повеќе туку една одлична основа за модерниот фашизам и национализам. Купувајќи институциите, економски ослабувувајќи го народот, труејќи го со национализам и фашизам, правејќи го лесна мета за оние кои му ветуваат светла иднина, под услов предходно од истите народот да биде прегазен, ремоделиран по нечиј вкус и потреба, вака изгледа нашиот пат кон прогресот. Опишаното предходно во текстот, се однесува, не само на Македонија, туку на Балканот како целина. Место во кое историјата е машина за гласови, јагатан против соседите, основа за територијална експанзија, а за жал се помалку успева да преживее како наука.
Васко Гичевски студент на Институт за Историја при Филозофски факултет, УКИМ, Скопје
Изминативе години, некако се добива впечаток дека најкористени зборови во политиката, медиумите и општо, во секојдневното општествено функционирање се демократијата и плурализмот. Термини кои се наметнаа како потребни однос пожелни и цел како антитеза на едно партискиот систем кој беше во функција од 1945 до 1991 година. Доколку суштински се задлабочите во терминот демократија иако се навратите на нејзиниот историјат, ќе сфатите дека таа ретко кога во вистинска смисла била владеење на народот. Така на пример, во антиката демос- народот, бил оној кој имал определен имотен цензус, по Француската револуција состојбата била иста повторно имало паричен цензус но и еден новитет е тоа е возраст на која би смееле да гласате, се до средината на XX век целосно гласачко право немаат жените, а во некои земји ни до ден денес. Сумарно кажано демократијата колку и тоа перфидно да звучи е всушност владеење на малкумина избрани врз останатото мнозинство. Плурализмот пак вториот најкористен термин кај нас, значи многустраност и поливалентност во изборот. Во суштина тоа е термин со кој би се означило разногласието во политичка смисла.
Развојот на овие идеи кај нас воопшто не го следел развојот на западно европските земји. Поради историските околности Македонија, дури и во првата деценија на XX век сеуште имала полуфеудален општествено политички систем. Терминот полуфеудален, а не феудален се користи главно поради тоа што, Османлиската империја од 1839 се обидивала да спроведе мноштво реформи од сите аспекти, но да ја задржи нејзината теократска-феудална суштина. По Балканските и Првата светска војна, оваа територија потпаѓа под власта на Кралството СХС подоцна кралство Југославија., држава која според својот општествено политички систем беше налик на европските монархии, но управуваше со население задоено со типичен феудален менталитет и следствено на тоа живот, начин на производство и политичко дејствување. Поинаку кажано, во оваа средина, барем во политички аспект доволно беше да се знае кој е владетелот и зошто тој е владетел. Поопсежно и подлабоко размислување од ова немаше а и во суштина беше возможно. Земајќи во предвид дека Македонија, според пописите на Кралството СХС беше втора по број на неписмено население со околу 80%, за развој на критичка мисла или воопшто било каква мисла тешко може да стане збор. По нецели триесет и кусур години, македонското население и земја, опустошено од Втората светска војна ќе завлезе во водите на социјализмот.
Населението кое во период од нецели 33 години излезе од една типично феудална теократска држава Османлиската империја, влезе во системот на балканските монархии кои иако беа проевропски ориентирани длабоко во основите се фундираат врз османлискиот принцип, сега ќе зачекори по патот на диктатурата на пролетеријатот марширајки кон идеалите и стремежи на работничката класа- комунизмот. Овој концепт беше сосема нов светоглед за населението, а реалните услови пак не дозволувале остварување на социјалистичкиот идеал. Економско производните апаратури беа во фазата на либералниот капитализам, што пак е недоволно за социјалистичка револуција, која за да биде целoисходна треба да се изведе во земји со монополистички капитализам односно со висок степен на економско производна развиеност. Деривациите на марксизмот кои настанаа на Балканот всушност се само вешти копии и прилагодувања на Лениновиот модел, кој беше првата адаптација на Марксистичката теорија, бидејќи и царска Русија немаше пред услови за социјалистичка револуција. Предвоениот Балкан се карактеризираше со:
1.Спротивности помеѓу трудот и капиталот,империјалистички спротивности и феудални остатоци.
2.Нерешени национални прашања.
3.Спротивност помеѓу општествените слоеви.
4.Политичка обесправеност на народните маси
Дејствувајќи во вакви услови, задачата на новата власт да го издигне населението барем на едно минимум развиено ниво не беше лесна. Во период од 46 години социјалистичка Југославија, вложуваше напори да го издигне образованието, производството, севкупно кажано квалитетот на животот. Сепак оваа држава потфрли можеби во најосновната тема односно развојот на општественото мислење или поинаку кажано „менталитетот на народот“ Во овој случај населението повторно се прилагоди на еднопартискиот политички систем па така како што во османлиско време викаше „Да живее султанот“ во Кралството СХС „Да живее кралот“ во СФРЈ говореше „Да живее Тито и и другарот Колишевски“. По воведувањето на повеќе партискиот систем односно плурализмот и „демократијата“, наговестувајќи период во кој либералната мисла ќе цвета се случи сосема спротивното. Населението и овој пат повторно се прилагоди кон новонастанатите состојби па така сега стана критички настроено, со малку или без воопшто никаква основа, сублимирајќи ги своите гледишта за општествените појави преку призмата на определената политичка опција. Во суштина така наречението плурализам стана биполарен систем на две големи парти, кои коалицираат со неколку помали. Процес во кои вториве безмалку исчезнуваат во закрилата на двете големи, менувајќи ги страните сходно на моменталната политичка ситуација. Нивните поддржувачи кои порано беа концентрирани на еден лидер, сега вушност се поделени на повеќе мали групации со свои лидери, кои безмерно ги величаат. Мотивите за ова величење се неколкукратни но воглавно можат да се поделат на: економски, национални и идеолошки. Првиот тип на мотиви е најсилен бидејќи секој член се надева дека неговата партија ќе му овозможи егзистенција, вториот мотив во принцип важи за десно ориентираните и партиите со строго етнички или национален карактер. Додека третиот мотив најмалку застапен и се јавува во сосема ретки случаеви. Може слободно да се каже дека предходниот опис на мотивите е всушност темелно расчленување на мислите, желбата, мотивот за еден македонски граѓанин да стане поддржувач или член на определена партија.
Се предходно изнесено може да се окарактеризира како историја, теорија и практика на демократијата во македонска верзија или еден сумарен преглед на политичката традиција. Либерален политички систем, воспоставен во држава со население кое едноставно нема политичка традиција на критичност, процедуралност, гласност. Осознавајќи го овој факт во суштина може да се заклучи дека всушност демократијата и плурализмот кај нас, не се ништо повеќе освен, авторитарна политичка клима, растурена во неколку центри, кои водат меѓусебна борба со цел да ја заземат централната власт, односно да добијат авторитативна моќ во вистинска смисла на зборот.
Васко Гичевски, Студент на Институт за историја при Филозофски Факултет, УКИМ, Скопје
(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)
Илинден за мнозина е само бројка и неработен ден, за една друга мнозина Илинден е избликот на „македонштината“, за трети Илинден се спомениците и говорите на политичарите, знамињата, национал шовинистичките препукувања. Жалам, но, тоа не е Илинден! Тоа е современа перфидна перверзија, создадена од површински пристап, незнаење и помодарство.
Денот кога Битолскиот вилает се крена на востание 1903 година всушност беше востание на два фронта. Првиот фронт и основен беше како што кажува Делчев: „Робот во душата да престане да биде роб“, поле на кое што Внатрешната организација веќе една деценија работеше. Посветуваше внимание на просветата, начинот на производство, секојдневното живеење со цел да ги извади од феудалните, теократски рамки на Османлиската држава.
Вториот фронт беше борбата со Османлиската држава, држава која сеуште се протегаше на три континенти со армија од скоро два милиони и кусур војници, држава која само во Битолскиот гарнизон имаше повеќе војници отколку Организацијата востаници. Востанието немаше умисла дека ќе ја победи туку „да се одржиме доволно долго, да не дозволиме да не порази“ се вели во една од директивите, со цел да се предизвика вмешување на големите сили и исполнување на членот 23 од Берлинскиот договор, кој како што вели Татарчев „беше премногу комплексен за населението па се одлучивме за максимата Автономија на Македонија.“
Востанието изби во средина каде немаше никакви предуслови за развиено економско производство, немаше основна инфраструктура, меѓу население без никакви познавања за идеите за слобода, политика, човекови права. Умот на тогашниот човек не сечеше подалеку од феудалната држава, каде најголемата слобода беше црквата и задгробниот живот, а најцрното ропство даноците, тепањето, апсењата, население кое не можеше да ја разбере тогашната држава, а камоли да обмислува идна. Бидна востанието се разви и задуши, посакуваниот ефект не се постигна. Тука приказната не се заврши.
Во пост илинденскиот период уште повеќе се развиваат идеите и мерките на организацијата за подобрување на општествено економските услови преку просвета и агитација. Во тој момент Организацијата веќе длабоко размислуваше или барем покажа такви индиции, како сака да се справи со првиот и по мене најтежок фронт, револуција во умот на населението. Илинден е избликот на државотворната идеја, нејзина прва проба ако сакате, но и кулминација на пробивот на современи политички и слободарски идеи меѓу населението. Националниот елемент како и при секое останато востание, буна, револуција е второстепен, основниот движечки мотив е економската и социјална слобода, кое ќе доведе до изградување на држава и државни институции, кои пак ќе го кодифицираат „Канонот на народот“ кој сега бидејќи има патрон и држава ќе се нарекува нација.
Како ние го обезличивме празникот? Го обезличивме со тоа што славиме едно движење за промена, една борба за права, слободи и прогрес, во услови кога во нашата земја безмалку се соочуваме со истиот менталитет, истите општествено економски проблеми како пред 116 години. Го обезличивме и со тоа што се колневме во имињата на првоборците, а тоа беа само празни зборови, основа за гласови кои се збираат на линијата патриот предавник. А што е патриот? Патриотизмот не е во знамињата, зборовите, симболите, патриотизмот е во работата, трудот, унапредувањето на земјата и животот. Ќе завршам со една од Делчев: „Ќе бидете глупави ако ни верувате на зборовите а не ни ги гледате делата“.
Додека не направиме и не видиме дела кои ќе не унапредат, ние не сме европска земја, ние не сме тСеверна Македонија, не сме ниту Македонија, ние сме „трите вилети“ управувани од султани кои сами ги избираме за да не бијат со камшикот платен со наши пари, да го тегнеме ропството кое сами си го нагрбуваме мислејќи дека сме слободни.
Слава на хероите!
Слобода или Смрт!
Подобро ужасен крај, одколку ужас без крај!
Автор: Васко Гичевски, студент по историја
На местото каде што е денешна Жито Битола од памти век имало млин. На тоа место се наоѓал еден од првите млинови во Битола и му припаѓал на богатиот Исмаил бег кој живеел за време на Османлиската империја. Ова е само дел од податоците за животот во Битола во турско време што со публиката на Локум фест ги сподели студентот по историја Васко Гичевски кој има пасија да го истражува отоманскиот период.