АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Илинден за мнозина е само бројка и неработен ден, за една друга мнозина Илинден е избликот на „македонштината“, за трети Илинден се спомениците и говорите на политичарите, знамињата, национал шовинистичките препукувања. Жалам, но, тоа не е Илинден! Тоа е современа перфидна перверзија, создадена од површински пристап, незнаење и помодарство.
Денот кога Битолскиот вилает се крена на востание 1903 година всушност беше востание на два фронта. Првиот фронт и основен беше како што кажува Делчев: „Робот во душата да престане да биде роб“, поле на кое што Внатрешната организација веќе една деценија работеше. Посветуваше внимание на просветата, начинот на производство, секојдневното живеење со цел да ги извади од феудалните, теократски рамки на Османлиската држава.
Вториот фронт беше борбата со Османлиската држава, држава која сеуште се протегаше на три континенти со армија од скоро два милиони и кусур војници, држава која само во Битолскиот гарнизон имаше повеќе војници отколку Организацијата востаници. Востанието немаше умисла дека ќе ја победи туку „да се одржиме доволно долго, да не дозволиме да не порази“ се вели во една од директивите, со цел да се предизвика вмешување на големите сили и исполнување на членот 23 од Берлинскиот договор, кој како што вели Татарчев „беше премногу комплексен за населението па се одлучивме за максимата Автономија на Македонија.“
Востанието изби во средина каде немаше никакви предуслови за развиено економско производство, немаше основна инфраструктура, меѓу население без никакви познавања за идеите за слобода, политика, човекови права. Умот на тогашниот човек не сечеше подалеку од феудалната држава, каде најголемата слобода беше црквата и задгробниот живот, а најцрното ропство даноците, тепањето, апсењата, население кое не можеше да ја разбере тогашната држава, а камоли да обмислува идна. Бидна востанието се разви и задуши, посакуваниот ефект не се постигна. Тука приказната не се заврши.
Во пост илинденскиот период уште повеќе се развиваат идеите и мерките на организацијата за подобрување на општествено економските услови преку просвета и агитација. Во тој момент Организацијата веќе длабоко размислуваше или барем покажа такви индиции, како сака да се справи со првиот и по мене најтежок фронт, револуција во умот на населението. Илинден е избликот на државотворната идеја, нејзина прва проба ако сакате, но и кулминација на пробивот на современи политички и слободарски идеи меѓу населението. Националниот елемент како и при секое останато востание, буна, револуција е второстепен, основниот движечки мотив е економската и социјална слобода, кое ќе доведе до изградување на држава и државни институции, кои пак ќе го кодифицираат „Канонот на народот“ кој сега бидејќи има патрон и држава ќе се нарекува нација.
Како ние го обезличивме празникот? Го обезличивме со тоа што славиме едно движење за промена, една борба за права, слободи и прогрес, во услови кога во нашата земја безмалку се соочуваме со истиот менталитет, истите општествено економски проблеми како пред 116 години. Го обезличивме и со тоа што се колневме во имињата на првоборците, а тоа беа само празни зборови, основа за гласови кои се збираат на линијата патриот предавник. А што е патриот? Патриотизмот не е во знамињата, зборовите, симболите, патриотизмот е во работата, трудот, унапредувањето на земјата и животот. Ќе завршам со една од Делчев: „Ќе бидете глупави ако ни верувате на зборовите а не ни ги гледате делата“.
Додека не направиме и не видиме дела кои ќе не унапредат, ние не сме европска земја, ние не сме тСеверна Македонија, не сме ниту Македонија, ние сме „трите вилети“ управувани од султани кои сами ги избираме за да не бијат со камшикот платен со наши пари, да го тегнеме ропството кое сами си го нагрбуваме мислејќи дека сме слободни.
Слава на хероите!
Слобода или Смрт!
Подобро ужасен крај, одколку ужас без крај!
Автор: Васко Гичевски, студент по историја