АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
По пауза од две години, утре со концерт на Каролина Гочева во Хераклеја со почеток од 21 часот започнува 14 издание на „Бит фест“. Ќе трае 64 дена, односно до 31 август кога фестивалската програма се затвора со концертот на „Меморија“. Фестивалот брои 40 културни настани од кои добар дел и традиционални фестивали со гости од Македонија и странство. Го организира Општина Битола со буџет од 4,5 милиони денари.
Градоначалникот Тони Коњановски изјави дека културното лето ќе има нов концепт кој ѝ доликува на Битола.
„Битола, со својата богата историја и големи културно – историски вредности, заслужува да се развива како град кој ќе се гордее со приматот на важен културен центар со културни манифестации кои градат високи вредности. Содржините кои се дел од оваа програма даваат концепт на издигнување на фестивалот на повисоко естетско ниво со почитување на професионализмот, креативноста и повисоките критериуми и норми на уметничка изведба од страна на авторите и изведувачите кои ќе земат учество на Бит Фест“, рече Коњановски.
Бит Фест годинава го сочинуваат традиционалните и добро познати манифестации и фестивали, но и добри и квалитетни проекти, внимателно избрани од страна на стручната комисија Елена Ѓоргиева, пијанист и педагог со 20 годишно искуство во својата област, Димитар Солаковски, дипломиран ликовен уметник, Васко Мавровски, дипломиран актер и уметник како и другите соработници, меѓу кои и Лили Бошевска, директорка на КИЦ, кој годинава е коорганизатор на Бит фест.
„Фестивалот заслужено добива шанса да биде идентитетски силен и да претставува предизвик и за уметниците и за публиката“, додаде Коњановски.
Во негови рамки се фестивали како Солситс, Битола отворен град, Битола Шекспир фестивал, Битолино, Илинденски денови, Џез фабрика, Балкан гала фестивал, Локум фест, музичко-сценска манифестација Незаборав, како и други културни настани виолинистите Владимир Костов, Ана Контраденко, Марко Поп Ристов, сопранот Весна Гиновска Илкова, а под наслов „Со лезет за Битола“ ќе настапат светски познатите, македонски оперски пејачи Ана и Игор Дурловски и други.