АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Апелациониот суд Скопје по 3 години, донесе правосилна пресуда за случајот „Транспортер“, со која обвинетиот градоначалник Владимир Талески оди на издржување на 7-годишна затворска казна. За една година му е намалена првичната казна од поранешната судијка во Основниот кривичен суд Скопје Добрила Кацарска..
Во овој случај има и конфискација на нелегално стекнати пари, во износ од над пола милион евра.
Апелација обвинетиот С.Б., го осуди на казна затвор од 5 – пет години и 6-шест месеци, во кои казни им се засметува времето поминато во притвор и куќен притвор до правосилност на пресудата, односно до започнување со издржување на казната затвор, за по едно кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.5 од Кривичниот законик
На обвинетите Ј.И., С.М., А.Ш., Д.Г., А.С., О.С., Р.Ј., Н.Д., Џ.М. за кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување им изрече алтернативна мерка – условна осуда, така што им се утврдува казна затвор во траење од по 2 години и истовремено се определува дека утврдената казна затвор нема да се изврши, ако обвинетите во временски период од 5 години по правосилноста на пресудата, не сторат ново кривично дело.
Согласно чл.100 од Кривичниот законик од правното лице Друштво за превоз, услуги, производство и трговија „Д и А Х.Т” ДООЕЛ увоз извоз Битола, се конфискува имотната корист во износ од 857.637,00 денари, или 14 илјади евра, кој претставува имотната корист прибавена со кривичното дело.
Во останатиот дел како и по однос на кривичните санкции спрема останатите обвинетите и по однос на мерката конфискација на имотната корист која е прибавена со кривичните дела, во вкупен износ од 34.224.179,00 денари, или над 500 илјади евра, првостепената пресуда ја потврди.
Воедно, советот на овој суд, по повод жалбите и по службена должност, а заради правилна примена на Закон, првостепената пресуда во ослободителниот дел под II, ја укина.https://sdk.mk/
Објаснувањето на Апелација
„Постапувајќи по изјавените жалби, оцени дека првостепениот суд не сторил суштествени повреди на одредбите на кривичната постапка на кој се укажува во изјавените жалби и на кои судот внимава по службена должност, во пресудата се утврдени сите решителните факти во врска со времето и начинот на извршување на кривичните дела, дадени се причините за решителните факти, извршена е правилна анализа на сите изведени докази и донесената пресуда е јасна, разбирлива и може во целост да се испита. Воедно, како неосновани ги оцени жалбените наводи за погрешно утврдена фактичка состојба, а со тоа и за погрешна примена на материјалното право, од причина што првостепениот суд утврдил правилна фактичка состојба а врз основа на сите изведени докази во текот на постапката, правилно ги утврдил сите решителните факти за кои дал доволно образложени причини во образложението на обжалената пресуда и со еднакво внимание ги испитувал и утврдил како фактите што ги товарат обвинетите, така и оние што им одат во корист, при што правилно постапил судот кога поклонил верба на доказите кои се поклопуваат помеѓу себе и даваат целосна слика за настанот, а притоа имајќи ја предвид и одбраната на обвинетите со што донел јасна и разбирлива пресуда, во врска со кривичните дела и кривичната одговорност на обвинетите“, велат од Апелација.
Тие додаваат дека при донесување на пресудата ги ценеле сите околности.
„По однос на жалбените наводи за одлуките за кривичните санкции, советот на овој суд ги имаше предвид сите околности кои се од влијание при определувањето на видот на кривичната санкција и одмерувањето на нејзината висина, а особено степенот на противправноста на кривичните дела, степенот на кривичната одговороност на обвинетите, јачината на повредата на заштитеното добро, општествената опасност од извршување на овој вид на кривични дела, тежината и начинот на извршување на кривичните дела и во таа смисла поединечните дејствија на извршување на секој од обвинетите, опишани во изреката на првостепената пресуда, нивната улога во криминалниот потфат како извршител односно соучесник, нивното својство и во таа насока прибавената противправна имотна корист, а особено фактот дека е изречена конфискација на целокупната имотна корист, ценети во корелација со околностите кои што постојат на страна на секој од обвинетите, а кои се однесуваат на личните, семејните и материјалните прилики на обвинетите и нивниот поранешен живот, детално елаборирани во образложението на првостепената пресуда, применувајќи го принципот на пропорционалност, а на кој укажува Европскиот суд за човекови права, па оцени дека и со поблаги казни затвор односно со изречените алтернативни мерки – условни осуди спрема обвинетите наведени во одлуката на Апелациониот суд Скопје, за кои е преиначена првостепената пресуда во делот на одлуката за кривичната санкција, како и со изречените кривични санкции спрема останатите обвинети со првостепената пресуда, доволно воспитно ќе се влијае во иднина да не се јавуваат како сторители на вакви и други кривични дела, а со тоа да се остварат и целите на казнувањето предвидените во чл.32 од Кривичниот законик, како на планот на специјалната така и на планот на генералната превенција“, додаваат оттаму.