АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Извештаите од надзорните на Државниот здравствен и санитарен инспекторат и Комисијата за стручен надзор не кореспондираат со исказите на семејството на починатата Јана, изјави на вечерашниот протест во Битола Игор Петковски, кумот на петгодишното девојче кое пред две недели почина на Клиничката болница во Битола. Тој во име на родителите на Јана и другите роднини и пријатели на семејството побара сите членови од двата надзори да излезат во контактна емисија во живо на телевизија и да одговараат јавно на поставени прашања од страна на јавноста.
,,Бараме итен одговор кога тоа би се случило. Јавноста мора да ја дознае вистината за смртта на Јана", рече Петковски.
На протестот се делеа балони со името на Јана, а приустните граѓани од плоштадот Магнолија, низ Широк Сокак се упатија до Офицерскиот дом каде беше пуштен голем балон кон небото со порака Јана да биде штит за идните дечиња да не ја доживеат нејзината судбина.
Таа почина на 22 март во Клиничката болница во Битола. Родителите изјавија дека состојбата ѝ се влошила откако ѝ била дадена инфузија по што ѝ се покачил шеќерот од 9 на 19 единици. Но, увидите на ДЗСИ и на Комисијата за стручен надзор не утврдија лекарска грешка. Според нив, мускулно-воспалителна реакција во рамки на вирусен инфект кој го зафатил и срцевиот мускул на девојчето со покачена вредност на срцевиот ензим-тропонин била причината за смртта.
И по две недели откако почина петгодишната Јана уште нема резултати од обдукцијата.