АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Неколку училишта од Битола денес се исклучени од струја поради напластени долгови. Се работи за школи кои подолг период имаат блокирани сметки. Вработени во битолските училишта велат дека засега се исклучени шест, а нема информација дали без струја ќе останат сите оние кои должат и имаат блокирани сметки. Од ЕВН потврдија дека има исклучување од струјната мрежа на битолски училишта
„Неколку месечните разговори со училиштата за изнаоѓање начин за расчистување на долгот не вродија со плод, па согласно законските прописи, како за сите корисници, така и за нив беше преземена последната мерка, односно исклучување. Остануваме отворени за изнаоѓање начин за расчистување на долгот“, рече Атанас Ковачевски, портпарол на ЕВН.
Од Општина Битола се огласија со писмено соопштение дека се работи за затекната состојба во образованието од претходната власт која предизвикува дополнителни проблеми во работењето на школите.
Од општината потврдија дека училиштата во Битола се во незавидна финансиска состојба, со наследен долг од претходната власт во износ од 4,5 милиони евра, најголемиот дел со блокирани сметки.
„И покрај напорите на Општина Битола, училиштата се во незавидна финансиска состојба. Напоредно со висината на долгот на училиштата од 4,5 милиони евра, една од причините е што нема законска можност да се платат дел од долговите на блокираните училишта кон надворешните добавувачи, бидејќи цесиите (договор за отстапување на одредено побарување од еден на друг доверител, при што на должникот му останува обврската да ја исплати кон новиот доверител) законски не се дозволени“, соопштина од Општина Битола.
Општина Битола за состојбата во образовниот процес ги информира сите владини надлежни институции и побара да се вклучат во решавање и надминување на проблемот со блокираните сметки.