2win800x200

За велосипедските патеки треба да одлучува Советот, порача амбасадорот Гир

Септември 21, 2023

БИТОЛА – Евроамбасадорот Дејвид Гир откако ги собра на заедничка средба битолските советници им порача дека за проектот со велосипедските патеки поддржан со европски пари треба да се одлучува во Советот. Во август на седница на Совет, новото мнозинство од СДСМ, „Поинаку“ и Левица ја тргнаа точката од дневен ред, со образложение дека немаат информации за пренамената на средствата од европскиот проект, која првично предвидуваше реконструкција на објектот „Парк“, а потоа заради поскапувањето на  градежни материјали се побара пренамена и изградба на велопатеки.  Проектот е тргнат и не се знае кога повторно ќе биде ставен на дневен ред.

„На Советот е да донесе одлука дали ќе го одобри проектот.“, кажа амбасадорот Гир пред советниците и напомена дека „би било арогантно и несоодветно за мене да дојдам тука и да ви кажам што да правите, да ве мониторирам, тоа не е моја работа…  Ова сепак е одлука што вие како советници треба да ја донесете, а не јас, и не дојдов во Битола да ве посочам со прст и да ви кажувам што да правите.“

Всушност, амбасадорот Гир во понеделникот, дојде во Битола заради дефинирање на обврските за просториите каде е сместена „Јуроп хаус“ Битола во објектот на Офицерски дом, но на средбата доминираа прашањата на советниците за пренамената на средствата за велосипедски патеки во должина од 5 километри и поддршка од ЕУ од 400 илјади евра.

„Нашиот заклучок од средбата со амбасадорот Гир е дека одлуката за изградба на велосипедски патеки е во рацете на советниците. Ние сметаме дека треба да бидат изградени велосипедските патеки и да се донесе одлуката за кофинасирање од страна на советниците во Советот, во спротивно средствата што ни ги дава Европската Унија ќе треба да ги вратиме назад, неискористени. Амбасадорот кажа дека ваков проект е успешно реализиран во Струмица“, изјави Бојан Бојкоски координатор на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Советничката на СДСМ, Мирјана Захариевска-Ралевска, која првично побара повлекување на точката од дневниот ред,  вели дека на амбасадорот му кажале дека „причината за повлекувањето на точката за проектот е бидејќи до ден денес немаме информации од општината на барањето за пренамена на средствата од реконструкција на објектот ‘Парк’ до изградба на велопатеки“.

Советничката група на СДСМ е на став дека трасата за велопатеките на улиците „Партизанска“ и „Васко Карангелевски“ во Битола е несоодветно избрана и дека на исти локации ќе треба да поминуваат цевките од топловодот и гасоводот.

„Над 50 проценти од трасата за топловодот и гасоводот врват токму на локациите што се избрани за велопатеките, значи ако сега се направат патеките за неполна година ќе треба да ги ископаме. Топлификацијата кон институциите треба да биде готова 2024 -2025 година.“, предупредува Захариевска-Ралевска.

Општина Битола за „Независен“ одговори на дилемата на новото мнозинство во Советот околу изградбата на велопатеките.

Па, велат дека „не е предвидено сечење на дрвја по трасите“ за реконструкција на тротоари и воведување на велосипедски патеки на улиците „Партизанска“ и „Васко Карангелевски“. Отстранување на времени објекти потребно е да има пред Педагошки факултет, пред Клиничка болница и во непосредна близина на маркетот „Шик“ на улицата „Партизанска“,  од двете страни.

Околу сообраќајната студија наведуваат дека – „Улицата ‘Партизанска’ ќе остане двонасочна улица, а велосипедските патеки ќе бидат еднонасочни.“

По евентуалната изградба на патеките, на колкава површина ќе има наново прекопи за поставување на топловодот-гасоводот, односно на колку и кои позиции ќе има прекопување?, од Општината велат дека „Во врска со Основниот проект за изградба на топловодот (разводна мрежа), истиот е во фаза на одобрување во Министерството за транспорт и врски. Трасата на топловодот по улица ‘Партизанска’, гледано во западен правец, ќе биде во десната коловозна лента, непосредно покрај работ на коловозот. Многу мал дел, каде што се прави прстен за намалување на притисокот, ќе навлезе во зелениот појас. На улица ‘Васко Карангелевски’, трасата е во коловозот. За гасоводните инсталации по улица ‘Партизанска’, изработен е Проект за инфраструктура и за истиот е добиено одобрение од Општина Битола“, наведуваат од општината.

Сепак, за изградба на гасоводот останува од страна на централната власт да бидат решени повеќе прашања – обезбедување финансии, постапка за јавна набавка, избор на  изведувач и  да се утврди кој ќе стопанисува со него.

А.Блажевска 

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани