АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Битолчанката Шели Леви Друмар денес живее во Израел, a е родена во Македонија и е внука на Евреинот Хаим Абраванел, првиот интернист во Битола, чие име денес го носи Здравствениот дом во градот. Друмар во моментов се наоѓа во населба близу Тел Авив во Израел и како многу Израелци е вклучена во хуманитарните организации кои нудат помош на војници, ранети, евакуирани семејства и повредени цивили во војната, што почна откако на 7 октомври војниците на палестинското милитантно движење Хамас кое владее во Појасот Газа ненадејно ја пробија граничната ограда по што нападнаа 20-ина израелски заедници, убивајќи над 1.000 цивили.
„Во Битола во март бевме вклучени во Маршот на живите, меморијално чествување за да се потсетиме на лицата кои загинаа во холокаустот. Тогаш пораката беше ‘Никогаш повторно’, но тоа никогаш дојде токму сега. Ова што му се случува сега на Израел мислам дека е најблиску до холокаустот. Ова не е човечко и ми е страв да не биде како канцер, почна тука, а метастазите да отидат низ цел свет“, вели Друмар за актуелната војна во земјата.
По нападот, Израел воведе целосна опсада на Појасот Газа, прекинувајќи го снабдувањето со струја, вода, храна и гориво. Израелската војска соопшти дека за шест дена паднале 6.000 проектили на илјадници цели на Хамас во Газа, што е рамно на 4.000 тони експлозив. Во воздушните напади загинале над 1.400 Палестинци во Позајсот Газа.
Друмар сведочи за потресни случувања во кои луѓето во Израел загубија блиски и подалечни членови од семејствата во нападите на Хамас, останаа без домови, евакуирани без да можат да понесат било што со себе.
„Вчера отидов да посетам семејство на мои пријатели кои живеат во место на 4 километри од границата. Има човек околу седумдесет години кој изгуби жена, двајца внуци, еден зет. Му се спаси внуката затоа што нејзниот дечко ја баранел со неговото тело, тој загина, а таа одвај се излекла, замислете има само 22 години, остана жива, но како да се преживее една ваква трагедија? Убивани се жени од седумдесет години и најдени се 40 бебиња обезглавени. Тоа се места на километар или два до Газа, места кои беа мирни и убави за живеење со повеќе илјади жители“, вели Друмар.
Според неа, ова не е војна, туку ова се ѕверства и смета дека поради Хамас страдаат не само Израелците, туку и Палестинците во Газа.
„Во моментов во Тел Авив состојбата е мирна овие денови. На почетокот имаше и ракети и сирени и одевме во скривници. Инаку животот е како во војна. Училиштата не функционираат, многу институции не работат, отворени се само дуќани за храна. Имаме и струја и вода. Но, вестите се страшни. Околу 50.000 лица се евакуирани од Појасот Газа“, додава таа.
Вели дека сите Израел ја црпи силата од народот, сите Израелци се станати на нозе да си помогнат меѓусебе.
„Сите правиме што можеме да помогнеме хуманитарно од прв до последен, од стари до млади. Јас сум вклучена во организација со која подготвува јадење за болници, им делиме и на семејства, војници, ранети. Им даваме и морална поддршка, солидарност. И тоа нѐ спасува. Ќерка ми која се занимава со информатичка технологија е вклучена во организација каде има и други лица како неа, па даваат технолошка поддршка за органите на здравство, образование и други институции. И уметниците се организираа за да го подигнат моралот на војниците, на децата кои се евакуирани од дома. Цел Израел е на нозе. Се делат знамиња за да се постават на куќите. Има многу повеќе волонтери од што е потребно, но во тоа ни е силата“, вели Друмар.
Израелската војска синоќа пред полноќ по локално време им кажа на Обединетите нации дека сите кои живеат северно од Вади Газа би требало да се преселат во јужна Газа во следните 24 часа. Се проценува дека на тој простор живеат 1,1 милион луѓе, што е околу една половина од вкупното население во Појасот Газа, а тука се наоѓа и густо населениот град Газа. Вади Газа е речна долина сместена во центарот на Појасот Газа. Предупредувањето беше осудено од Обединетите нации, кои побараа наредбата да биде повлечена, сметајќи дека евакуацијата е невозможна и ќе има катастрофални хуманитарни последици. Израел се подготвува за копнена офанзива во Газа, откако на границата распореди десетици илјади војници и тешка артилерија.
Жанета Здравковска.
Извор СДК.МК