АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Деновиве во организација на Комисијата за односи на верските заедници со свечена академија беше одбележан јубилејот 80 години од Верското поверенство формирано во услови на Народноослободителната војна која против фашистичките окупатори ја водеше македонскиот народ за своја национална слобода, државност, но и црковно осамостојување. Во 1943 година со создавањето на првата слободна партизанска територија во Дебрца , Охридско, меѓу другите мерки за организирање на општествениот живот, беа преземени активности за обнова на самостојноста на Македонската православна црква. Во оваа одлука, се сублимирани сите копнежи на македонскиот народ за овновување на Охридската архиепископија
-Фактички, со овие активности преземени од Главниот штаб и неговото Верско поверенство, започна решавањето на македонското црковно прашање врз македонска национална основа и тоа беше почеток на крајот од вековната борба на македонскиот народ да си ја врати својата слободна православна црква. Покрај тоа, и во пракса се покажа дека е целосно лажна и безвредна фашистичката антикомунистичка пропаганда, според која комунистичките безверници ги бесат, ги убиваат и ги малтретираат свештениците, односно дека ги уриваат и ги поганат црквите на сопствениот народ, рече историчарот проф. д-р Александар Литовски од Институтот за национална историја.
На одбележувањето на 80 годишниот јубилеј присуствуваа сите поглавари и претставници од сите верски заедници и цркви. Директорот на Комисијата, Даријан Сотировски истакна дека 80 години по формирањето на Верското поверенство при Народно ослободителната војска и партизанските одреди се потсетуваме на тој исклучително важен чекор, чекор кој е прв во една низа дејствија и процеси коишто следат потоа, а резултираат со оформување на еден од значајните столбови на државноста на земјава.
„Со ова верско поверенство се зајакнува првата власт на првата ослободена територија на Македонија во време на Втората светска војна. Од Верското поверенство излегува и денешната комисија за односи со верските заедници како една од најстарите органи на државна управа, но и произлегуваат сите иницијативи кои значат денес, автокефална Македонска православна црква, возобновената наша древна катедра Охридска архиепископија, но и целокупниот модел на односите на современата македонска држава со сите верски субјекти во државата поставени на една квалитетна основа, онака како што и доликува на секоја современа и демократска држава“, посочи директорот на КОВЗРГ.
На Свечената академија, свои говори обраќање имаа и деканот на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“, проф. д-р Дејан Борисов, како и Поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, г. г. Стефан.