АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Анета Блажевска
БИТОЛА – Летото помина, а битолчани сѐ уште зборуваат за нашинците од дијаспората кои во позитивна смисла на зборот ја кренаа битолската локална економија по неколку години зачмаеност, пренесува nezavisen.mk.
Локалните медиуми постојано пишуваа дека ова лето игла не можеше да се фрли на пешачката зона на Широк Сокак и Градското шеталиште навечер, а дуќанџиите забележуваа дека кога битолчани се криеја од жешкото сонце во текот на денот, нашинците од Австралија навикнати на високите температури пазареа низ градот.
„Камо среќа цела година да е како летово“, велат нашите соговорници, луѓе од угостителскиот и трговскиот еснаф на градот, кои заедно со хотелиерите видоа најмногу ќар од гостите од дијаспората.
Неофицијално се проценува дека во градот престојувале од 25.000 до 30.000 гости, најмногу од Австралија, САД, Канада, Шведска, Германија, Австрија и други европски земји.
„Доаѓаме од Канада и тука останавме речиси три месеци. Дури по четири години се вративме во сопствениот стан кој го имавме купено одамна. Дојдовме да ги видиме роднините, но и да ги направиме забите. Овде за еден порцелански заб плаќаме по 80 евра, а во Канада е многу поскапо“, рече Стојна Ристевска од Торонто за локалниот портал „Апла“.
Што покажува ако се направи едноставна математика – ако во еден ден во Битола имало 5.000 туристи и ако секој од нив оставил по 20 евра (било за ручек, било во трговијата) на дневна основа тоа се 100.000 евра влез во битолската економија. Така, само во два месеци би се слеале околу 7 милиони евра. Само од нашинците кои живеат во странство.
А ова се умерени пресметки. На ова треба да се додаде и огромниот број странски туристи, како и трошоците за сместувањето во хотели или станови. Еден стан месечно се изнајмуваше за 300 до 400 евра, а луксузните и за повеќе. Овие пресметки покажуваат дека сумата пари што се слеала во Битола за само два месеци од нашинците би достигнала до фантастични 15 милиони евра.
Колку од овие трошења влегле во државниот буџет преку наплата на ДДВ не е јасно, но е сосем веројатно дека тој е избегнуван на многу места. Општината пречека илјадници гости, но таа имаше многу малку приход од тоа.
„Од јануари заклучно со октомври минатата година, остварен е приход од комунални такси во висина од 1,69 милиони денари, а за истиот период годинава наплатени се 1,85 милиони денари комунална такса за привремен престој“, велат од Општина Битола за „Независен“. Тоа значи дека и покрај рекордниот број повратници и туристи општината не почувствувала поголема корист.
Нашите соговорници велат дека во најголем процент годинава допатуваа повозрасни лица, пензионери од Австралија, а помладите со деца беа претежно од европските земји.
„Генерално, сезоната која полека изминува беше феноменална во однос на бројот на нашинците што дојдоа и по бројот на странски туристи. Ваква сезона одамна не се памети и веројатно (кога би ги имале официјалните бројки) ќе биде рекордна. Водичите генерално работеа и работат со странските туристи, а многу малку или минимално со нашите повратници. Општ впечаток е дека и покрај тоа што во нашиот град остануваат по 40-60 дена, тие не се многу заинтересирани да ги посетат нашите убавини, национални паркови и езера, музеите и археолошките наоѓалишта…Нивниот интерес и пополнување на слободното време најчесто е поврзан со посета на своите роднини, организирање и(ли) присуство на свадби и останати прослави, но и уживање во големиот број на угостителски објекти во градот“, вели Горан Пинза, лиценциран туристички водич од Битола.
Но зачудувачки е што ниту една институција во градот не може да даде точен податок колку гости од дијаспората пречека Битола ова лето. Па, дури ни приближно. Како и никој да не е заинтересиран да ја изброи бројката според различни методи. Може само да се претпостави колкумина престојувале во Битола, почнувајќи од мај па сѐ до септември, а има и такви кои сѐ уште не си заминале.
Ниту податоците од Општина Битола врз основа на туристичката такса, ниту бројките од СВР Битола, со податок за пријавени странци со престој, не можат да дадат ни од далеку точен број колку нашинци сме пречекале и испратиле. Ова е така бидејќи голем дел од Македонците од дијаспората сѐ уште имаат роднини и имоти во Битола, а дел од нив закупуваат станови од приватни лица и тука се губи трагата на бројот на посети и ноќевања. Оние што ги издаваат становите не го пријавуваа тоа за да не плаќаат давачки кон државата.
Во Битола хотелот „Епинал“ не нуди сместување веќе две години, поради реновирање, додека останатите петнаесетина сместувачки капацитет бројат најмногу до 800 легла. Надлежните немаат контрола колку станови и куќи се изнајмуваат.
„Во нашиот објект собите беа резервирани на еден месец до 40 дена за нашинци од Австралија. Една ноќ престој за нив чини околу 20 до 25 евра. Имавме примамливи, пониски цени, со оглед на тоа што во поголемите хотели двокреветна соба во сезона чини од 50 до 80 евра со појадок“, вели сопственик на приватен сместувачки капацитет во близина на Широк Сокак, кој вели дека најчесто гостите биле пензионери.
Хотелите и приватните сместувачки капацитети во Битола беа целосно букирани, па беше тешко да се најде слободен кревет за туристите кои доаѓаа наменски за летните фестивали што се потврди за Илинден и во периодот на фестивалот „Илинденски денови“, па сѐ до септември и одржувањето на „Браќа Манаки“ Битола.
Од СВР-Битола велат дека се евидентираат само странски државјани кои пријавиле престој во Битола, но не и оние кои имаат македонско државјанство.
„Евидентирани се околу 1.376 странски државјани кои престојувале на територијата на Битола. Согласно законските одредби, престој во полиција пријавуваат странски државјани, поточно лица кои не поседуваат македонски документи. Обврската за пријавување престој не важи за наши државјани, вклучувајќи и нашинци со двојно државјанство, односно оние кои поседуваат македонски патни исправи“, вели Сања Стаматова, портпарол на СВР-Битола.
Така беше во летото, а како е сега?
„Не знаеме колку точно гости имавме ова лето, знаеме дека нашата кафеана беше преполна секоја вечер, се бараше столче плус, но знаеме дека прометот откако заминаа ни е паднат за дури 80 проценти. Сега се враќаме на старото, навечер едвај имаме по пет маси со гости. Тоа е реалната слика за кафеаните на Широк Сокак, оти се знаеше каде одат нашинците – онаму каде што имаше жива музика“, вели угостител од битолски Широк Сокак, чија кафеана е една од најпосетувани угостителски објекти во градот.
Трговци од Битола, пак, велат дека прометот им паднал за најмалку половина во споредба со летото.
„Ова лето имавме муштерии од Австралија и повеќе европски земји, најчесто повозрасни лица кои купуваа подароци и за овдешните роднини и за блиските во Австралија. Сега откако заминаа кај мене прометот е паднат за најмалку 50 проценти. Сепак сите се сложуваме дека ова лето имавме поволна економска клима благодарение на нашинците, кои кажаа дека едвај чекале да се отворат границите после корона кризата и да ги посетат родните места. Дел од нив купуваа подароци и за роднини во Грција и одеа да ги видат селата на нивните предци. Навистина, нашинците не штедеа ова лето, трошеа и уживаа во Битола“, вели Соња Крстевска, сопственик на продавница за сребро и полудраги камења „Оникс“ на Широк Сокак.
Битолската локална економија веќе извесен период назад живее и од потрошувачите од соседна Грција, претежно од Лерин и околните општини, кои во градот доаѓаат секојдневно и пазарат храна, облека и обувки, одат на заболекар и ги користат сите други занаетчиски услуги што е поевтини кај нас во споредба со тамошните.
Битолчани и натаму се надеваат на поволна економска клима, зашто се ближат новогодишните празници, а наскоро, конзулска Битола се очекува да понуди ново издание на манифестацијата „Зимска приказна“ за дочек на Новата година, што во изминатите две години се покажа како добар начин за привлекување на гости и од Грција и од Албанија.