АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
За кондураџиите од опера кои отсвирија 1500 свадби.
Пееја за конзулските балови, а себе си на шега се нарекуваа кондураџии во опера и шнајдери во судот. Публиката ги запамети по шегите и анегдотите, но пред сѐ по извонредните музички настапи дури на 1500 свадби, а не се знае уште колку стотици крштевки и други веселби. Незаборавниот музички состав „Битолски конзули“ кој не е активен подолго време, синоќа оживеа преку осмиот по ред „Незаборав“, манифестација посветена на битолски музички легенди, која неуморно ја организира Панде Димитровски.
Големата сала на Центарот за култура беше полна со публика која на времето ги слушала „Битолските конзули“, со битолчани желни за таканареченото конзулско време на музиката, кога се пееја серенади и фестивалски хитови.
Музичкиот состав се оформил во осумдесеттите години од минатиот век, врвни музичари по професионална вокација, вистински мајстори и виртуози. Професорот по руски и македонски јазик Петар Атанасовски ги поттикнал да го носат името за паметење, а настапот во хотел „Југославија“ во Отешево бил моментот кој ги овековечил со слава. Настапаувале на многу манифестации, фестивали, концерти, низ битолски локали, семејни веселби. Нивните песни ги збогатија фестивалите „Цветници“, „Валандово“, „Интерфест“, „Охридски трубадури“, „Еден ден во Битола“, „Серенада“ и други.
На вчерашниот „Незаборав“ песните на оваа позната битолска група пред преполната сала ги изведоа Бојан Стојков, музичарот Зоран Маневски кој има еден од најпеснопојните вокали во Битола, групата „Калабалак“. Но, она што ја засили магијата на вечерта беше учеството на членови од групата „Битолски конзули“. Иако некои во поодминати години, со својот настап покажаа дека се уште се одлични музички интерпретатори. Ова беше едно од најдобрите досегашни изданија на „Незаборав“ каде пеењето беше празник за ушите и душата.
Се редеа незаборавните хитови на „Конзулите“. „Еј Мари, Мари“, композиција на авторот Петар Ѓоргиев Калица, која ја имаше својата прва изведба на фестивалот „Интерфест“ 1994 година. Па, „Еј Марија“ по текст на Зоран Маневски, „Песна за Вељана“, народна песна во аранжман на Панде Татарчевски, „ Дојди на пенџер“ по текст на Калица, а изведена на „Цветници“. Песната „Љубовна“ по барање на авторот Калица беше прикажана преку снимка на „Битолските кознули“ на водео бим. Публиката стана на нозе за песните „Конзулски бал“ по текст на Славчо Спировски, а за крај заедно со авторот на проектот Панде Димитровски ја извдоа песната „Добро утро Битола“ составена од Миодраг Неќак и Валентин Соклевски.
Авторот на „Незаборав“, Димитровски во својствен стил за него, на шега рече дека со ова издание го добиле тендерот за одржување на фестивалот до 2030 година.
„Вечерва го добивме тендерот за ‘Незаборав’ 2030 година. Не сакам да зборувам во прво лице еднина, значи тимот што го создава Незаборав, продолжуваме со работа со посебна желба и волја и голема благодарност до мојата родна Битола и моето семејство. Се надевам дека еден барем од моите четири внуци и внуки ќе продолжи да го прави Незаборав“, рече Димитровски.
„Незаборав“ се одржа во рамките на „Битфест“ , а на настанот присуствуваше и градоначалничката Наташа Петровска.
Претходните години „Незаборав“ беше посветен на: Сашка Петковска, Јонче Христовски, Пепи Бавтировски, Љупчо Спасеновски (Буба Мара), Добри Ставревски, Гоце Николовски и Миле Шерденков.