2win800x200

Ексклузивно! Сурова судбина на старица од Битола затрупана во ѓубре во сопствениот стан

Април 06, 2024
фото АПЛА:МК фото АПЛА:МК

Автор Анета Блажевска

фото анонимни граѓани 

 

Старица од Битола на 80 години вчера во драматична ситуација била потисната и затрупана од ѓубрето што самата со години наназад го собирала во станот. И повторно ноќта ја поминала во домот. 

Старицата со иницијали А М.Т подолг период живеела сама во сопствениот стан во една од кулите на населбата „Стара Болница“ која се наоѓа во строгиот центар на Битола.  

Вчера најверојатно не можејќи веќе да се движи низ станот од насобраниот отпад, врз неа се срушиле купиштата ѓубре и ја затрупале. Граѓанин, (не знаеме како дознал) се јавил во Противпожарната единица во Битола и побарал помош, старицата да се извади од станот. Во исто време била алармирана и полицијата и Итната медицинска помош која и пружила прва помош на старицата. Но, за жал старицата ноќта повторно ја поминала во станот и тоа на самата влезна врата, оти внатре е невозможно да се влезе од ѓубре, велат станари кои инсистираат да останат анонимни. На фотографиите што ги доби АПЛА.мк јасно се отсликува во каква ситуација е старицата и како ја поминала ноќта, оставена во ходникот од зградата. 

Очекуваме информации од СВР Битола. 

 

Пожарникарите велат дека старицата ја затекнале потисната со ѓубришта, но во свесна состојба.  

„Имавме дојава од Итната медицинска помош дека мора да интервенираме, да ја извадиме жената од станот, првично беше кажано дека ја потиснал плакар полн со ѓубре. Но, пративме екипа од четворица пожарникари и таму затекнаа лоша ситуација, станот полн со отпад, влегоа, ја извлекоа жената и на носилки ја слегоа пред зградата, ја предадовме на Брзата помош и јавивме во СВР Битола да го обезбедат станот. Тоа беше нашиот дел“, потврдува за АПЛА.мк Горан Димковски, командир на Противпожарната единица во Битола.

По интервенцијата на лекарите, жената е вратена во станот, но бидејќи таму е невозможно да се влезе од натрупаното ѓубре,  станари потврдуваат дека старицата преноќила на самиот влез од станот. Таа живеела сама откако починала нејзината мајка, велат станарите како и тоа дека нема некој поблизок кој се грижи за неа.

„Мора да и се помогне на жената, многу пати пријавуваме до институциите, но ништо не се презеде. Неподнослива реа излегува од станот и неподносливо е внатре. Сега е крајно време да се заштити и згрижи жената“, велат станари од „Стара Болница“ за Апла.мк.

Денеска ги контактиравме од Центарот за социјални грижи во Битола од каде ни потврдија дека на терен ќе испратат четворица социјални работници да се утврди состојбата.

„Праќаме екипа во ‘Стара Болница’  да се испита ситуација, зашто досега не сме имале пријава од станарите, па сега треба да се види законски како да се постапи“, изјави за АПЛА.мк Лидија Ѓошевска, директор на Центарот за социјални работи Битола.   

Инаку голема е загрижената на пожарникарите за состојбата во која се наоѓа станот на старицата затрупан со ѓубре од најразлична природа. Командирот на ТПП Димковски предупредува дека институциите што поскоро да ја решат ситуација додека не дошло до потешки последици или не дај боже пожар.

Анета Блажевска

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани