2win800x200

Горан Димкоски-Со новиот противпожарен дом, Битола ќе ја имаме на рака

Мај 13, 2024
Миа Миа

Битола почна со градежните активности за изградба на нов противпожарен дом, капитална инвестиција ветена од трите последни локални власти. Локацијата е во старата касарна, на терен кој инфраструктурно овозможува лесен пристап на противпожарната служба. Последните неколку недели се работи на терен, најпрво со уривање на стариот објект, поранешен армиски магацин од поранешната ЈНА, чистење на локацијата и почеток на градба на сосема нов објект од темел. 

Битолските пожарникари едвај го чекаат новиот објект, а оптимизмот расте и за нови вработувања со цел комплетно екипирање на тимот со пожарникари според прописите и правилата за функционирање на службата.

442449244 25640695208911007 339651658365637734 n

Дваесетти мај е празникот на пожарникарите, се празнува поради историскиот момент кога битолската Противпожарна единица била формирана со повелба на Румелискиот Валија во 1836-та, значи годинава се одбележуваат 188 години постоење.

Битолчани, особено повозрасните често знаат наутро да се поздрават со мислата - „Дај боже пожарникарите и полицијата денес да немаат работа“, оти така си посакуваат мирен ден, за себе и за своите сограѓани.

Меѓутоа, имале или не работа, пожарникарите од бригадата во Битола велат дека треба да се спремни за акција и да ги имаат основните услови за функционирање, а во старата зграда на Булеварот 1-Мај, се под основните услови за работа, а  амбиентот оставен од турско. 

„Тешки се условите во кои работиме со децении наназад. Тешко се исполнуваат стандардите за професионално работење на пожарникарите.  Има многу недостатоци, немаме место за вежбање, санитарниот чвор е во хаотична состојба, објектот се распаѓа, цел мебел е стар од деведесеттите години“, вели заменик командирот на ППЕ во Битола, Горан Димкоски.

436276633 1360692901270057 3542768371177850115 n

Во Битолската пожарна има 14 возила на број, дел стари од седумдесетите и осумдесетите години.

„Имаме вкупно 14 возила, од нив, само четири се нови, другите се стари, некое по 50, некое по 40 до 30 години. Ете така функционираме и ги одржуваме.

Пожарникарите од ППЕ во Битола во овој момент се 41 на број, што значи според бројот на жители недостига кадар за правилно и навремено функционирање. Димкоски вели дека во опрема се добри, и имаат обновено најголем дел од потребите, но по правилникот единицата треба да брои 65 пожарникари, односно 1 пожарникар на 1500 жители, со оглед на тоа што екипата ги покрива и соседните рурални општини. Пожарникарите годишно во просек имаат 700 до 800 интервенции, со исклучок на 2022 година кога поради корона кризата биле само 450. 

435993129 765572872388604 5971298854852550732 n

Сега со почетокот на активностите за новиот пожарникарски дом расте и оптимизмот кај нив дека најголем дел од проблемите ќе се решат. Минатата година пожарникарите после долго време се обезбедија со  нови шлемови,  чизми, десетици комплети заштитна опрема набавена преку проект за прекугранична соработка со Грција имплементиран од Пелагонискиот плански регион во координација со Министерството за локална самоуправа.

436409167 460768249822177 8515137662243442660 n

„Го очекуваме новиот дом, кој според проектот е одличен и ќе ги задоволува  сите стандарди и услови за функционирање на службата. Пристапот е добро осмислен и местоположбата е добра, што значи градот ќе го имаме како на рака, да делуваме и кон центарот, и кон Буковски дел и Брусничка населба, оти имаме и нова инфраструктура околу касарната. Ќе биде современ дом со сите потребни елементи за правилно функционирање со нов диспечерски центар...“, вели заменик командирот Димкоски.  

Градоначалникот Тони Коњановски вели дека почетокот на реализација на нов противпожарен објект во Битола е капитален проект кој ќе ги реши проблемите на службата на долг рок. 

439864744 469332012116352 7627406107515838750 n 800x533

„Изградбата на новиот објект согласно проектната документација предвидува 1600 м² новоизградена површина. Објектот ќе ги исполнува современите стандарди за ваква градба, ќе има приземје, кат, гаража и простор за минимум 12 противпожарни возила и ќе овозможи соодветни услови за вработените во територијалната противпожарна единица, која го покрива регионот на општините Битола, Новаци и Могила“, изјави градоначалникот Коњановски.

Вкупната вредност на склучениот договор за изградба на новиот противпожарен дом изнесува 52.824.773 денари.

Анета Блажевска

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани