2win800x200

Македонија го слави Илинден – 121 година од Илинденското востание и Крушевската Република

Август 02, 2024
Коњаница - Илинден Коњаница - Илинден

Со низа свечености и манифестации под слоганот „Борбата трае“ денеска ќе биде одбележана 121 година од Илинденското востание и Крушевската Република и 80 години од Првото заседание на АСНОМ. Централната манифестација за одбележување на Илинден – Денот на Републиката ќе се одржи во Крушево на Гумење и на месноста Мечкин Камен, каде ќе има обраќање премиерот Христијан Мицкоски, кој претходно ќе положи цвеќе на гробот на Никола Карев, на споменикот Слива и на Мечкин Камен.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, пак, прво ќе биде во Пелинце каде што во 10 часот ќе положи свежо цвеќе пред меморијалниот центар АСНОМ по што ќе има обраќање, а ќе ја посети и спомен-собата во Меморијалниот центар. Од таму Сиљановска-Давкова ќе замине за манастирот „Свети Прохор Пчински“ каде ќе биде пречекана од нејзиниот српски колега Александар Вучиќ.

 

Во Скопје, одбележувањето на 2 Август – Денот на Републиката ќе биде на плоштадот „Македонија“, каде што претседателот на Собранието, Африм Гаши, ќе положи свежо цвеќе пред споменикот на претседателот на президиумот на АСНОМ, Методија Андонов-Ченто.

Чествувањето на 121 година од Илинденското востание и Крушевската Република со низа свечености почна вчера во Крушево кога делегации ја посетија Спомен куќата на Смилевскиот конгрес и споменикот на Дамјан Груев, а попладнето во центарот на Крушево, пред црквата „Свети Никола“ беа пречекани коњаниците од цела Македонија. Воедно беше отворена манифестацијата „10 дена Крушевска Република“ со читање на Крушевскиот манифест и подигање на бајракот на Крушевската Република.

Почетокот на Илинденското востание го објавиле камбаните во Крушево на полноќ спроти Илинден 1903 година. Околу 800 востаници го ослободиле градот, а по два дена Никола Карев ја прогласил Крушевската Република и станал нејзин претседател. Слободната Република траела десет дена.

Под команда на Бахтијар-паша, 18-илјадна османлиска војска тргнала во акција за враќање на власта во Крушево. Последните истрели на Мечкин Камен и загинувањето на војводата Питу Гули го означиле и крајот на Крушевската Република.

Четириесет и една година по Илинденското востание, во манастирот „Св. Прохор Пчински“ кај Куманово, 115 делегати го одржале Првото заседание на АСНОМ (Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија), на кое е потврдена општествено-правната положба на Македонија како рамноправна федерална држава во рамките на ДФ Југославија. Заседанието го отворил Панко Брашнаров, најстариот делегат и сведок на двата Илиндена. Избран бил Президиум на АСНОМ, под претседателство на Методија Андонов-Ченто. Заседанието усвоило неколку документи со државотворно значење, меѓу кои и Решението за воведување на македонскиот јазик за службен јазик во македонската држава и Декларацијата за основните права на човекот и граѓанинот на демократска Македонија.

Денеска е и голем православен празник кога се слави пророкот Свети Илија. Светиот пророк Илија живеел 900 години пред Исус Христос, роден е во 816 година пред новата ера, зборувал со Господ Исус Христос, што е забележано и во Светото Писмо, сведочел за Св. Троица и за постоењето на вечниот живот.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани