2win800x200

Сушата ги опомена битолчани за рационално користење на водата за пиење

Септември 06, 2024

 

Летната жега оваа година е сериозно предупредување и за жителите од Битолско-пелагонискиот регион за рационално користење на водата за пиење. Повеќе од два месеца високите дневни температури, но и напати тропските ноќи не само што го усвитија асфалтот во Битола, туку пресушија извори, други станаа се помалку издашни, па ги празнеа градските водоводни цевки, „игореа“ од жед и нивите во Пелагонија... Излетници споделуваат видеа и фотографии од пресушени делови од Стрежевското Езеро и Цапарско Езеро, секнати чешми на Пелистер.

Битолчани велат ова лето им стасала „опомената“ дека „водата за пиење не е за полевање бавчи и цвеќиња, перење теписи, миење автомобили и дворови...туку да се чува за пиење и капење, оти се помалку ја има.“

Бавчите се наводнуваат со вода за пиење

„За вода плаќаме 35 денари за кубик, колку што чини  литар флаширана вода во маркетите, или ако сакате три кубици вода колку кафе на Широк Сокак. Прилично евтино за да се наводнуваат бавчите и да се полнат базените по куќите и вилите со филтрирана вода“, коментира битолчанецот Љупчо.

Добар дел од центарот на градот, летово, се соочи со намален притисок, па повисоките катови од станбените згради во вечерните часови остануваа без вода или водата линееше низ чешмите , па немаа ни за пиење, ни за одржување основна хигиена, а да не зборуваме за вклучување на машините за перење алишта. Многу нови згради се изградија, особено во старата касарна, а водоводната мрежа остана иста со старите проблеми.

IMG 7ca99b83dcdf9716d1e6d9489d360236 V

Капак на се’ беше големиот дефектот на потисниот цевковод на пумпната станица за водоснабдување на градот на ЈКП „Водовод“ Битола, што се случи минатата недела, кога градот остана без вода околу 20 часа.

„Суша е голема, зимата не падна снег, пролета и летото не заврна дожд. Очигледно ќе мора ‘Водовод’ и Општина Битола сериозно да поработат на реконструкција на целиот систем за водоснабдување! Високите згради во Битола од трет кат нагоре имаат цело лето проблем со притисокот на водата или пак воопшто немаат вода. Но, и до граѓаните е, нема солидарност, тие што живеат во куќи, мијат дворови, залеваат цвеќиња и тревници, за нас во зградите нема ни за пиење, ни за миење.“, реагираат битолчани станари во колективни згради.

Од ЈКП „Водовод“ Битола велат дека заради климатските промени и долгиот период без врнежи од дожд, се намалила издашноста на изворите кои се прибираат во градскиот водовод.

„Оваа година иако има водотеци што пресушија, кај нашите извори има вода, но многу е  намален капацитетот. Летово земаме вода до 500 литри во секунда од ‘Стрежевското Езеро’ а дополнуваме околу 60 литри во секунда од нашите водотеци. Меѓутоа поради големата суша зголемена е потребата од вода. Ние имаме три резервоари за вода, како проблематичен се покажа резервоарот ‘Овчи Баир’ кој го снабдува централното градско подрачје со вода и општините Могила и Новаци, односно дел од селата приклучени на водоводот. Селата го празнат резервоарот и високите катови по зградите остануваат со намален притисок. Како град воопшти не направивме рестрикција за вода, но ете се јавија други проблеми“, вели за „Независен“, Андреј Гинов, директор на ЈКП „Водовод“ Битола.

Од претпријатието потврдуваат дека неопходни се инвестиции во водоводниот систем, особено на цевководот кој носи вода од Стрежевското Езеро до филтерницата на претпријатието.

Многу популарно меѓу битолчани стана видео на граѓанскиот активист од Битола, Драган Велјанов, снимено крај Стрежевското Езеро од страната на селото Лера, каде јасно се гледа дека делови од езерото се без вода. Велјанов гази на дното на езерото на испуканата земја велејќи дека не се работи „за украсни декоративни плочки“, туку за самото дно на Стрежевското Езеро, па ситуацијата ја опишува како „трагична глетка“.

 

„Водата е многу повлечена, ова е дефиниција за поимот суша“, вели Велјанов на видеото.

Од ЈП „Стрежево“ кое управува со хидросистемот „Стрежево“ велат дека сведоци сме на една крајно неповолна хидролошка состојба, екстремно топло и сушно лето со изразени и зачестени топлотни бранови кои предизвикуваат екстремна потрошувачка на вода, како за потребите за водоснабдување со вода за пиење така и за наводнување на Пелагонија. Велат дека ова е втора најсушна година од постоењето за претпријатието, а потврда за тоа се само два заврнати дожда во Битолскиот регион во целиот летен период.

 Деновиве во акумулацијата има околу 45 милиони m3 вода, што претставува нешто помалку од половината од нејзиниот вкупен капацитет.

FB IMG 1725534981699

 

„Како и за секоја акумулација која е изградена за решавање на водостопанските потреби, така и за ‘Стрежево’, карактеристични се перманентните осцилации на нивото на водата. На 7 август имавме на располагање околу 54 милиони m3 вода, а на почетокот на сезоната за наводнување на 27 мај, акумулацијата имаше волумен од 90 милиони m3 вода. Во месец јуни оваа година се потрошени 11.039 милиони m3 вода, а во јули рекордни 20,909 милиони m3 вода. Изминатиот период презедовме мерки за максимално рационално пуштање на водата, намалување на загубите на вода на минимум, штедење на водата, ефикасно и одржливо функционирање и користење на системот“, изјави Вера Бешлиевска, директор на ЈП „Стрежево“ Битола.

Од претпријатието убедуваат дека нема никаков простор за загриженост од моменталната количина на вода во езерото потребна за водоснабдувањето на градот Битола и околните населени места, рударско енергетскиот комбинат - РЕК „Битола“ и локалните индустриски капацитети.

„Поради високите температури испорачуваме максимални количини на вода кон ЈКП ‘Водовод’ Битола, кое во овој период од годината се снабдува со вода од акумулацијата ‘Стрежево’. Со контролираното управување со водите се овозможи продолжување на сезоната за наводнување и за месец септември“, вели директорката Бешлиевска.

Сепак, хидролошката слика и на сливното подрачје на хидросистемот „Стрежево“ е загрижувачка, ако потрае сушата. Податоците на претпријатието и на УХМР говорат дека потенцијалот на водотеците е намален, а на одделни водотеци и двојно понизок од просечните вредности за овој период од годината.

„Зафаќањето и собирањето на водите од сливното подрачје на хидросистемот ‘Стрежево’ го вршиме во есен, зима и пролет и тоа од октомври до мај. ‘Стрежево’ е во кондиција да продолжи со испорачување на вода со потребната планирана динамика за стабилно водоснабдување и функционирање на термоенергетската и комунално - индустриската сфера“, велат од ЈП „Стрежево“.

 

Анета Блажевска

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани