2win800x200

×

Предупредување

JUser: :_load: Неможно вчитување корисник со ID: 802

JUser: :_load: Неможно вчитување корисник со ID: 801

Последното интервју на Борис Талевски -Боцкино

Февруари 23, 2019

Безмалку половина век минат со виолинските струни

 

Ако одам во Битола, ќе си купам до три пајтона, јас во еден ќе седам, други чалги ќе свират, трети товар мерак ќе носат. Ако се прашувате од што народецот имал инспирација низ ваква песна да ги опее мераците во Битола, тогаш сигурно не сте ја слушнале виолината на музичка легенда Борис Талевски-Боцкино. Беше одличен виолинист кој по игра на судбината не свиреше класика по белосветските метрополи, туку на увце на боемите им ја топеше милината на староградска мелодија. Почина пред неколку години, па во негова чест ви го пренесуваме неговото последно интервју.

 

Музичка плетенка од Барот до Крк

Велат дека стржејќи со гудалото низ жиците на виолината без конкуренција најдобро ја везел „Кажи, кажи либе Стано“. Ај, да беше само тој бисер изронет од неговиот неповторлив музички талент, туку се ределе стотици македонски народни песни кои со сласт ги паметат битолските мераклии. Дури 40 Нови години ги дочекал на виолина забавувајќи ги сограѓаните, а и во меѓувреме со својата музика исполнил безброј деловни, љубовни средби, свадби, кршетвки, Василици, летувања свирејќи од незаборавниот снекбар во социјалистичка Битола „Барот“ до јадранскиот остров Крк..

-Велат какво поднебје имаш такво овошје да јадеш. Така, јас ги сакам песните од поднебјето мое битолско. Тие ги свирев од срце. Ги чувствував. На помладите музичари им велам: „Слушајте деца, не е важно само да свирите, туку тоа да го отсвирите со осет“. А битолската староградска музика јас ја чуствував. Ќе ми речеа гостите: „Боцкин, ајде една староградска битолска, ти најдобро ги свириш“. Ќе ја стркалав Либе Стано. Тоа е тешка песна. Сатроградската музика е тешко да се свири. Брзата песна е лесна, во неа грешките не се чувствуваат, оваа песна треба да биде издржана до крај. Секој најмал тон да се слуша. Не попусто музичарите од Македонија кога одеа на академија во Белград, професорите ги пуштаа оние кои ќе знаеја да ја отсвирират „Зајди, зајди- вели Боцкино.

 

За плескавиците и швепсот

Музиката како наследен талент се сплела во целата неговата смејна лоза. Аманетот за виолината му останал од дедото. Од вујковците едниот бил најдобар примаш во Битола, а другите свиреле на гајда, кавал, окарина, гитара. Ни тој сам не знаел што инструмент држи во раце кога за првпат настапил пред своите другари од битолското маало. Не било ни прим ни гитара, памети дека имал жици и дека му биле потребни пет минути да го наштима и да почне да свири ора.

Имал седум години кога тргнал во музичко училиште со јасна желба да учи виолина. Директорот му рекол: „Ќе ти дадам кларинет.“ „Не сакам кларинет, сакам виолина, од колено на колено кај нас свират виолина“, му се спротивствил малиот.“ „Не можи, ајде догледање“, додал директорот. Но, во следниот миг трчал по скали да му даде виолина.

Заради сплет на околности Музичка академија не завршил. Се вработил во оркестарот на Македонската радио телевизија и преку фреквенцијата на Радио Битола достигал во домовите на битолчани да ги развеселува. Настапувал во елитните битолски кафани.

-Првиот настап паметам ми беше во кафаната Солун. Тогаш ми рекоа штом каснеш кафанска плескавица, никогаш не ќе излезеш од кафана. И навистина векот ми помина таму, но со свирки. Никогаш не со алкохол. Знаев ако ги прифатам честењата на задоволните гости каде ќе ми биде крајот. За цел мој работен век од 46 години испив можеби цела фабрика сок- вели Талевски.

Староградски на виолина и пијано

Оркестарот на Боцикионот на времето бил оригинален по тоа што старогардската музика ја изведувале на виолина и клавир. Секој од нив си има свој драж, виолината свири, клавирот прати и ја терцира. Во тоа време се велело од Битола до Белград нема ресторант каде така се свири строградска музика како во Барот.

-Сум свирел и лесна класика и џез музика со виолината. Свиревме лесна класика дури и за оној човек кој кога ќе слушне класика го исклучува телевизорот. Велеа „што е ова класика, абе што убаво звучи“. Такви работи од Шуман, Брамс, Моцарт некои полесни работи, да биде за секое уво. Но, акцентот беше за староградската музика.

Во Барот каде исвирил 20 години се јавиле повеќе газди и сите сакале различна музика. Боцкинот со тешко срце, ја спакувал виолината и последен ја напуштил кафаната, која потоа со години не работела. На шега вели дека го викале последниот Мохиканец.

-На Крк од 1985 до 1990 година свиревме светска музика, а и македонска. Најдобр пејач ни беше тој што е сега во Менсвилд, Америка. Тој пееше на англиски, германски, на италијански, а гитаристот во Германија имаше свирено, па тој изведуваше германски работи. Ги пеевме сите популарни хитови, евергрини кои не умираат. Директорот мене ми велеше за платата ти ќе ја кажваш. Земав 1500 марки месецот, а тука платата ми беше 250 марки- вели Боцкино.

Музиката му го киднапирала срцето

За жал, неспаните ноќи пронижени со многу свирки го скршија неговото здравје.

- Видов дека ми попушта срцето и го фатив последниот воз. Толку ми беше упропастено што едвај се нафати Жан Митрев да ме опрерира. Зедов еднаш виолина да свирам. Кога ја отворив солзи ми дојдоа на очите , ме гледа жената од спротива и молчи. Ја зедов, но немав кондиција. Една недела да не вежбаш, ти треба месец дена да обновиш. И почна да ми паѓа инструментот надолу. И жената ми вели ќе ја тргнам да не ја гледаш- раскажува Боцкино.

Денес е починат, молкна неговата виолина, но свират неговите следбеници. Споменот за оваа легенда продоложува да живее и преку песните, како што во една од нив се вели „цел Широк Сокак се разбуди во овој час, свири Боцкино, а јас пеам за неа“.

Ж. Здравковска

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани