АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Без денар поддршка од државата, а во исчекување дека Општина Битола ќе ги помогне, во четврток започнува 38 издание на детската ликовна колонија „Малиот Битолски Монмартр“ во Битола. На два дена пред почетокот на оваа реномирана детска ликовна манифестација од Министерството за култура не пристигнале ни 100 000 денари што Детското ликовно студио од Битола ги доби од Националната програма за поддршка на културата.
„Монмартр“ се отвора со 37 издание на Светската ликовна изложба за која од државата годинава не беше издвоен ни денар.
„Мислев дека ќе бидат тотално разочаран, но со поддршката на битолчани ќе истраеме. Средства до денес не се пристигнати од ниедна страна. Тоа што ни го додели Министерството, тие 100 000 денари, ни тие не се стигнати. Ако чекавме на тие средства да ги добиеме намаше да се одржи ‘Монмартр’. Верувам дека градот нема да нѐ остави на цедило и ќе ни помогне“, рече Коста Хаџиантоновски, творец на познатата детска ликовна колонија „Мал битолски Монмартр“.
Досега добиле пари само од една банка која се јавува како спонзор на манифестацијата, а хотелиерите од Битола ги отвораат вратите да ги примат младите ликовни таленти од целиот свет без пари само за да се помогне битолски „Монмартр“ да опстои.
Се очекува да присуствуваат дваесет екипи со стотина талентирани деца за цртање, како и ликовни педагози. Тие од 23 до 30 мај ќе творат во Битола, цртајќи ја градската архитектура, а на 26 мај караванот ќе биде во Охрид. На свеченото отворање со огномет, со почеток од 21 часот во четврток на платото пред Детското ликовно студио во битолската стара чаршија ќе се доделат нагардите на најдобрите ликовни творци кои ќе допатуваат во Битола. За време на ликовниот караван, секоја вечер ќе има избор на најдобри поединци.