АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Јавното претпријатие „Стрежево“ од Битола пред овогодинешната сезона за наводнување со сопствени финансиски средства го обнови возниот парк. Набавени се шест теренски возила, трактор и приколка, мулчер и десет мопеди, инвестиција вредна 100 000 евра. Средствата се обезбедени преку домаќинско работење на претпријатието и рационално трошење на средствата.
Возниот парк се поднови детално со следниве возила:
-три теренски сандучарски возила со погон на четири тркала тип Greatwall steet 6 (две за Сектор за детална цевководна мрежа, едно возило за Сектор градежно одржување)
-три теренски возила со погон на четирите тркала, тип лада нива (по едно возило за Секторите Брана, производство на електрична енергија и машинство)
-Трактор тип Solis за Сектор собирен канал, за првпат се набавува во ова ЈП
-Приколка за трактор
-Мулчер (ќе се користи за собирен канал, доводен канал, стопански двор, брана и ски центар)
-десет мопеди (наменети за зафати за вода на собирен канал, главен канал и брана).
Со набавката ќе се овозможи навремено, брзо и поекономично работење на Хидросистемот.
„Неминовна беше потребата за вложување во возила. Ние ќе придонесиме за побрзо, порационално искористување на возниот парк и побрза интервенција во оние делови на Хидросистемот каде што има потреба за да ги намалиме дефектите, навреме да ја затвориме водата доколу настане дефект и да не направиме штета на земјоделските култури и секако важен е и економскиот дел зашто помалку ќе трошат и помалку ќе имаме издатоци за горива“, рече директорот Методија Граматковски.
За првото тромесечие нето добивка од над 10 милиони денари
Минатата година ЈП „Стрежево“ успешно ја заврши, како што рече директорот со домаќинско работење, рационално трошење на средствата што доведе до зголемени приходи, зголемена наплата на побарувањата и намалување на непродуктивните трошоци. Инвестираа во електрична опрема на патеката и паркинзите на Ски центарот „Нижеполе“, во опрема за мониторинг на вибрации во хидроцентралите , опрема за видео надзор на главниот канал, проширување на мрежата за наводнување во село Лисолај и Горно Оризари, изградба на засолниште од невреме на брегот на акумулацијата, изработка на интегриран софтверски пакет за успешно работење.
„Во овој период од доаѓањето на новото раководство ЈП нема никакви дотации, донации и кредити. Билансот на успехот во првото тромесечие од тековната година е позитивен. Така во ова тромесечие (јануари-март 2019) во споредба со ланското тромесечие (јануари-март 2018) приходите се зголемени за 19,1 процент или билансот на успехот во ова тромесечие е со нето добивка без амортизацијата од над десет милиони денари“, додаде директорот.
Фотоволтаичната централа ќе ја гради на свое земјиште
Ваквите финансиски показатели овозможуваат ЈП „Стрежево“ да продолжи со инвестиции. Во престојниот период ќе вложуваат во софтвер за динамична регулација, во хидромеханичка и електроенергетска опрема, реконструкција на цевководите и проширување на мрежата во селата Породин, Секирани и Габалавци, а ќе се вложува и во ски центраот во Нижеполе со промена на сајлата од ски лифтот Сапунчица.
„Но, најголемата инвестиција во претпријатието за оваа 2019 година, за што доби дозвола од Владата во јануари, ќе биде отпочнување со градба на фотоволтаична централа со моќ од 500 киловати. Ќе ја градиме на наше земјиште од сопствени финансиски средства обезбедени од домаќинското работење и штедењето на претпријатето. Со фотоволтаичната центра бенефит покрај претпријатието, ќе има Битола и околината зашто ќе продонесе кон заштита на животната средина. Централата ќе се гради на објектот Брана каде имаме пристапни патишта, наша разводна 35 киловолтна постројка и наш сопствен далековод“, додаде Граматковски.