АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Лани замина да работиш како новинар во најголемиот американски интернационален радиодифузер „Гласот на Америка“. Беше тешко да се прилагодиш?
-Животот во САД ми се допадна од почеток, а со оглед на претходното новинарско искуство и поддршката од тимот брзо се прилагодив во Гласот на Америка, која е една од најголемите мултимедиски новински организации во светот. Да се чувствувам добро во САД ми помогна и тоа што како дете сум растена со американски филмови и со книги од американски автори. Вредностите на американското општество за мене од секогаш се блиски и природни. Не велам дека тука е идеално, но луѓето ги почитуваат правилата на кои се согласиле како општество и затоа системот функционира. Еднаквоста e еден од основните постулати. Економијата и екологијата се клучни. Стандардот е висок. Образoваните и искусни професионалци се вреднувани и имаат услови да напредуваат. Не случајно американската економија е една од најдобрите во светот со водечки индустриски сектор, висок БДП и рекордно мала невработеност. За илустрација невработеноста е 3,7%.
Што значи да си новинар во Гласот на Америка (VOA)?
-Јас не можам да зборувам во името на Гласот на Америка, но можам да зборувам од лично име како новинар во Гласот на Америка. За мене е важен дел од кариерата да работам за најголемиот американски интернационален радиодифузер, кој обезбедува вести на над 40 јазици до проценета публика од над 275 милиони луѓе. Гласот на Америка се финансира од Конгресот и е дел од американската владина Агенција за глобални медиуми (USAGM). Главната задача, од создавањето во 1942 година до денес, е сеопфатно покривање на вестите и пренесување на вистината до публиката преку независно и објективно известување според највисоки професионални стандарди на новинарството, ослободено од политичко мешање. Како новинар работам на интервјуа и телевизиски прилози, веб содржини и подготовка и презентација на информативната емисија „Newsflash“ која се емитува секој работен ден.
Какви можности пружа работата во толку престижен медиум?
Тука има големи можности да се работи на теми од светско значење бидејќи во Вашингтон се наоѓаат најважните меѓународни, финансиски, истражувачки и друг вид на институции на светот. Како седиште на федералната власт, голем број меѓународни организации и 177 амбасади на странски држави, Вашингтон е познат и како главен град на светот. Покрај Конгресот, тука се и Белата куќа, Американскиот Стејт департмент, Врховниот суд, Светска банка, Меѓународниот монетарен фонд, НАСА, ФБИ, Организацијата на американските држави, Национална географија, Смитсониан музеите... Тоа е голема предност за новинарите, бидејќи пристапот до информации е директен, а институциите се отворени за медиумите.
Дали како новинар си имала контакти со американски конгресмени, сенатори и други важни политичари?
-На чекор до „Гласот на Америка“ се наоѓа Конгресот каде се одвиваат најважните политички случувања во САД, меѓу кои и обраќањата до нацијата и инаугурациите на американските претседатели. Близината значи и можност за директни контакти со американските конгресмени и сенатори. На брифинзите на Стејт департментот новинарите можат да присуствуваат лично. На Националното шеталиште пред Конгресот се случуваат голем број јавни настани. Тука се одржа и прославата по повод 4-ти Јули што беше можност во живо да се проследи обраќањето на американскиот претседател Доналд Трамп.
Какви безбедносни мерки се преземаат кога на свеченост се обраќа претседателот?
Годинава се одржа навистина грандиозна прослава на Денот на независноста. Вообичаено американските претседатели не држат говор на прославата на 4-ти Јули. Но, оваа година претседателот Доналд Трамп се обрати од пред споменикот на Абрахам Линколн каде Мартин Лутер Кинг го има одржано добро познатиот говор „Јас имам сон“. Трамп рече дека иднината им припаѓа на Американците, на храбрите, силните и слободните, на народот кој го следи својот сон. Безбедносните мерки беа на највисоко можно ниво, а претседателот зборуваше од зад непробојно стакло, по кое се слеваа капки дожд оневозможувајќи кристално чиста глетка на претседателот. И покрај дождливото време, илјадници Американци ја проследија воената парада со тенкови и борбени авиони, што беше вистински спектакл. Ексклузивно за Апла.мк ги фотографирав најинтересните моменти од одбележувањето на роденденот на САД.
(Фото: Прослава на Денот на независноста на САД во Вашингтон)
Кои покарактеристични прилози си ги сработила откако си ангажирана во ВОА?
Настојувам да работам на теми кои се важни за Македонија и кои упатуваат препораки до Македонија. Би го издвоила искуството со Светска Банка. Во интервју со експерти го истражував проблемот со невработеноста при што студија на Светска банка покажува дека меѓу работоспособното население во Македонија, само еден од секои двајца возрасни е вработен, што е мала бројка. Тоа значи дека тие мора да издржуваат многу луѓе во државата. Со трендот на иселување се намалува работоспособното население. Оттука го поставив прашањето какви се тие вештини кои македонските работници ги немаат за да најдат работа во земјата, но наоѓаат работа во странство. Од Светска банка велат дека истите работници одат во различни земји и таму се многу попродуктивни одошто во своите земји. Дел од решението е да се работи со локалните фирми за тие да ги подобрат своите менаџерски капацитети. Не е важно само што има работникот да понуди, туку и како фирмата ќе го организира процесот. Значи важни се и вештините на менаџерите во земјата, а не само на работниците.
Направи и интервју со уредничката на Национална географија. Дали неа ѝ беше позната нашата земја?
Таа во јануари ја предложи Македонија како една од најдобрите дестинации за патувања во 2019 година. Покрај другото, Национална географија на туриститите им предложи нуркање и кајакарење по Охридското Езеро, едно од најстарите и најдлабоките езера во Европа. Да се добие препорака од Национална географија е голема работа. Но, со оглед на еколошката деградација на Охрид и проблемот со дивоградбите, на што реагираше и УНЕСКО, прашање е дали во иднина ќе слушаме препораки или предупредувања. Со други зборови, добриот глас далеку се слуша, а лошиот уште подалеку. Ги избрав токму економијата и екологијата како примери бидејќи ако тие две прашања во едно општество се решени (како што е случајот со американското општество) квалитетот на животот е многу висок.
(Фото: Шијакова со уредничката на Национална географија)
Кaде се си следела прес конференции и настани во САД, некои покарактеристични места?
За мене беше интересно да ја следам презентацијата на Извештајот за превенција од тероризам на американскиот Институт за мир, кој е национален, непартиски институт формиран од Конгресот посветен на максимата дека свет без насилни конфликти е суштински за американската и светската безбедност. Препораките од овој извештај се важни и за Македонија, бидејќи терористички борци од нашата држава се борат на страната на терористичката организација Исламска држава. Најизложени на тероризам се т.н. кревки држави - земји каде поради недоволно демократија екстремистичката идеологија полесно се шири. На конференцијата во Институтот за мир говореше и поранешната државна секретарка на САД Медлин Олбрајт и актуелна претседателка на групацијата Олбрајт Стоунбриџ, која порача дека најдобра заштита од екстремизам е народ што ќе биде мотивиран да се бори против ова зло. Главната порака на Инстутот за мир е дека со добро и некорумпирано владеење може да се даде посилен отпор на вирусот на екстремизмот.
(Фото: Дебата против тероризмот на која присуствуваше и поранешната државна секретарка на САД, Медлин Олбрајт)
Каков е тамошниот однос кон новинарите?
Институциите се транспаренти, а слободата на печатот е многу важна. Сите се свесни дека без слободни медиуми нема демократија, која е една од најважните вредности во Америка. На поважните настани новинарите претходно го регистрираат своето присуство, така што точно се знае кој ќе присуствува. На влезовите се спроведуваат безбедносни проверки. Сѐ е организирано во детали. Сите институции имаат лица задолжени за односи со јавноста. Тоа се високообразовани и искусни професионалци, така што гафови се невозможни. Во медиумите новинарите добиваат многу обуки важни за секојдневното работење. Овие обуки се однесуваат на професионалните стандари, но и на современите предизвици со кои се соочуваат новинарите. Би ја издвоила обуката која ја посетував за заштита од терористички напади каде добивме практични насоки во случај на таква опасност. Дел од обуката беше и видеото „Трчај, сокриј се, бори се“ (Run, Hide, Fight), кое препорачувам да го погледнат вашите читатели, бидејќи тероризмот е реална закана и за земјите од Балканот.
Каков е животот, што посебно нуди местото каде што живееш?
Со многу музеи и културно историски споменици главниот град на САД е и туристичка атракција. Сам по себе Вашингтон е музеј под отворено небо. Тој е еден од туристички најпосетените градови во светот со над 20 милиони туристи годишно.Основан по американската револуција, Вашингтон е центар на националната сцена. Тука се бараат решенија за сите прашања кои ја засегаат нацијата. Овде се одржуваат инаугурациите на американските претседатели. Од тука се испраќаат најважните пораки до светот.
Накратко, во Вашингтон не може да ви биде досадно.