АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Со ликовни дела на кои е отсликана Битола, нејзините архитектонски и културни богатства, како и вечната Хераклеја синоќа во Завод и музеј од Битола беше отворена изложба по повод јубилејот 60 години творештво на познатиот битолски уметник Панде Петровски. Оваа изложба која содржи над 200 негови творби беше отворена во предвечерието на фестивалот „Илинденски денови“ и е поддржана од Министерството за култура, Општина Битола, Центарот за култура и други институции..
„Изложена е само една десетина од твортештвото, поточно 210 експонати од неколку илјади создадени во 60 години. Првата самостојна изложба ми беше во пресрет на Илинден и многу сум задоволен што повторно се совпадна да биде спроти Илинден, нашиот најголем национален и верски празник. Имам десетина циклуси како Хераклејски пресеци, Предели од микрокосмосот, Метаморфозите за кои Остен издаде и мапа заштитана, која е дел од едицијата светско културно наследство“, рече Петровски.
Тој од своите врвни уметнички дела на кои е насликана архитектурата на Битола и Хераклеја им подари за заминик министерот за култура Владимир Лазовски, градоначалничката Наташа Петровска и директорката на Завод и музеј Мери Стојановска.
„Ви благодарам за сѐ што досега направивте за Битола, убедена сум дека до последниот ден ќе творите и ќе ни оставите уште многу ваши емоции преку уметничките дела“, рече Петровска.
Директорката Мери Стојановска рече дека творештвото на Петровски станува културно наследство, а неговите цртежи се одраз на тоа како ја доживуваме Битола.
Бидејќи изложбата е прв настан со кој отпочнува 49 издание на Републичкиот фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“ во име на Центарот за култура се обрати стричниот соработник Валентин Соклевски кој Петровски го нарече битолска легенда.
„Овој фестивал чувајќи ја традицијата и самиот стана традиција зашто беше осмислен и граден токму од вакви личности како Петровски кој е дел од почетоците од 1971 година па до денес. Петровски е роден 1939 година во Брусник, Битола, човек кој преку континуирана едукација, уметничка надградба преку Ликовната насока на Педагошката академија , студиски престој во Италија со својот огромен талент, ентузијазам, креативност изгради 60 годишна творечка кариера со над 30 индивидуални изложби во Македонија, Србија, Шведска и Австралија, а учестувал и на над стотина колективни изложби во земјава и странство. Добитник е на многу награди и признанија. Секој збор што ќе го кажам за човекот кој е ликовен уметник, педагог, сценограф, писател, карикатурист е мал и скромен во однос на убавината што ја создал“, рече Соклевски.
Тој уште додаде дека Панде е човекот чиј мал потег на платното отвора илјадници ѕуници, еден симбол на сценографијата отвора мозаици од сликовите приказни, еден афоризам раскажува повеќе романи.