АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Еден од најнесекојдневните настани што некогаш се одиграл во Битола, а тоа бил шахот со живи фигури од пред 95 години, браќата Манаки ги снимиле со нивната прочуена Камера 300, но видео материјалот не е зачуван. Ова се споменува во документарниот филм „Манаки-приказна во слики“, на Роберт Јанкулоски, кој беше прикажан на затворање на 40. издание на фестивалот „Браќа Манаки“ годинава во Битола. Од настанот зачувани се само фотографии направени од Манакиевци.
„ На оваа фотографија се гледа и филмската камера 300 што укажува дека тие овој настан и филмски го забележале. Но, за жал не е зачуван филмски материјал од овој настан. Во кадрот е присутна уште една фотографска камера можеби од некој друг фотограф или двајца снимале, но постои можност тоа да е камера на Манакиевци затоа што во Архивот во Битола постојат плочи со две различни демензии. На истата фотографија го гледаме и Јанаки кој со големо внимание ги следи главните протагонисти кои ја одиграле таа партија шах, професорот по фискултура во битолската гимназија Чехот Адолф Бартипан и српскиот офицер Чопи“, се вели во филмот.
На оригиналната фотографија снимена во 1924 година се гледа дека натпреварот се одржал на терен обележан како шаховска табла во дворот на разрушената Црвена касарна во Битола. На просторот имало живи луѓе облечени во костими како шаховски фигури – крал, кралица, топови, коњи, пиони. Околу многубројна публика.
Се претпоставува дека на ваков настан луѓето се одлучиле за да заборават на лудилото и стравотиите што ги поминале со Балканските и Првата светска војна, но и со големата експлозија две години пред овој настан, на 18 април 1922 година предизвикана од 400 вагони полни со муниција и експлозиви останати од Првата светска војна што се чувале во близина на Железничката станица.
„Фотографијата раскажува за желбата и потребата на населението да се обиде да го заборави лудилото, да ги заборави стравотиите низ кои минале правјеќи нешто што е далеку од разумно и рационално. Овој настан побудил голем интерес кај граѓаните на Битола. Нема податоци кој победил“, се вели во филмот.