АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Со уникатен звук, преполн емоција, нежност и отменост, младата и убава финска уметница Хели Сиекинен ја исполни салата во Центарот за култура, настапувајќи на првата вечер од Фестивалот на музика од светот во Битола. Салата беше преполна, а таа успеа со оригиналните и беспрекорни музицирања на својата мала хармоника да ја воодушеви публиката. Аплаузите беа редовни после секоја музичка точка. Половина од концертот финската музичарка го помина свирејќи простоум, а инструментот го имаше потпрено на едната нога поткачена на мала скаличка.
Иако таа живее во Финска, а битолскиот Камерен оркестар музицира во Битола, одлично се надополниваа на сцената. Се добиваше впечаток како да соработувале со години. Со оркестарот диригираше Владимир Димовски, кој воедно е и селектор на Фестивалот. Атмосферата ја разубави Марија Димитријевиќ со своите маестрални вокални изведби на песни кои ја славеа и тагуваа по изгубената љубов. Искажано во една реченица битолчани имаа можност да доживеат несекојдневна романтична музичка вечер.
Директорката на Центарот за култура Маја Андоновска Илијевски рече дека Фестивалот на музика од светот единаесет години е еден од најзначајните културни настани во Битола и пошироко.
„Големи музички имиња застанувале на оваа сцена. Музиката е жител на светот, егзистира на сите меридијани, на сите континенти и говори на сите јазиици, го обојува дури најмрачниот ден. Битола е градот во кој музиката има посебно место. Не случано рекле дека најдобрите музичари во нашата земја имаат своја адреса во Битола. Затоа ја обојуваме Битола во боите на Фестивалот на музика од светот. Со хармониката на Хели да ги растопиме финските снегови“, рече директорката Андоновска Илијевски.
Фестивалот кој ќе трае три дена за отворен го прогласи заменик министерот за култура Владимир Лазовски. Министерството за култура и Општина Битола финансиски го поддржава ова големо културно случување.
„Фестивалот скромно почна пред единаесет години, но со својот квалитет се избори на мапата на земји со високопрофилирани уметници од целиот свет, поддржувајќи ги домашните изведувачи, кои можат да се пофалат исто така со своите европски стандарди. Министерството за култура во овој фестивал препозна свој партнер кој се профилира во настан кој се истакнува со својот квалитет, ексклузивност. Ова е настан кој со своето значење и прогресивен концепт на афирмација на најразличните музички жанрови даваат свој придонес за регионален развој на културата“, рече заминик министерот за култура.
Фестивалската програма продолжува денес со настап на големата балканска ѕвезда Јелена Томашевиќ во придружба на Камерниот оркестар од 20 часот во Центарот за култура во Битола. Томашевиќ беше приустна на концертот на Сиекинен и ја воодушеви публиката со својата непосредност. Секој кој сакаше можеше да ѝ се придружи и да се фотографира со неа. Со срдечноста ја плени публиката.
Ж.З.