АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Вистинска авантура е потрагата по двете последни баби во демирхисарското село Бабино, чии домови се на крајот на селото, еден под друг, под патот кој води до селската црква „Св.Никола“.
Па додека да ги најдеш се однесуваш како мал извидник и бараш чад, бараш оџакот да ги издаде во кое гнездо се свиле, зошто во тоа осамено и пусто место ништо друго не ви паѓа на памет. Нема кој да прашате, нема каде да тропнете, пиле не пее.
Радојка Силјановска на свои 83 години е една од двете баби, можеби последните жители на Бабино. Таа е толку витална, ведра и расположена за свои години што само кусо откако ќе го размените првиот збор ќе ви го оттргне чувството на сожалување поради самотијата и ќе ви го наполни срцето. Потекнува од Бабино, се омажила во Битола и по пензионирањето повторно се вратила на татковото огниште. Но тогаш пред почетокот на 21 век во Бабино живееле околу триесеттина жители, мажи и жени, за пред десеттина година да останат 11 баби, а сега уште две, таа и сосетката Мара, за која не крие дека не им оди муабетот, па иако сами во селото ни кафе не се напиваат заедно.
-Јас и Мара од Деспотовци останавме, ама таа многу не зборува, ни со мене, ни со новинари. Јас живеев Битола се вратив во Бабино откако ми почина сопругот. Овде се уште живееја моите родители и брат ми, сите заминаа на оној свет. Останав сама, а веќе не паметам и од кога сме со Мара сами двете во селото, ја раскажува својата животна приказна Радојка.
Самотијата не и тежи на грбот на оваа жена, ја „лекува“ со малку работа во бавчата, произведува црвена пипер, компири, домати. Подработува во рибникот сместен на почетокот на селото, а се грижи и за црквата, и за библиотеката.
-Имам се што ми треба. Комбето што носи храна до селото Базерник ми носи леб, а зеленчук сама си садам. Кученце имам, а и телевизија за друшка. Често ме посетува и внуката, таа работи во амбулантата во Демир Хисар, зборува Радојка присетувајќи се дека во младоста имала прилика да другарува со многу луѓе како сопруга на професор. Особено драги и се средбите со туристите и познати личности кои доаѓаат во посета на библиотеката, а она што и буди надеж за селото се и најавите на дел од иселените дека напролет ќе градат викенд куќи врз темелите на старите огништа во Бабино.
Иако сиромаштијата е во чекор со самотијата во Бабино, пензијата не втасува, сепак Радојка покажувајќи го демирхисарското гостопримство не понуди со грст бабински ореви, уверувајќи не со потемнатите дланки дека се тазе набрани.