АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Министерството за Европа и за надворешни работи на Албанија денеска го осуди говорот на омраза кон Албанците, во графит на јавен простор во Битола и побара од македонските власти да го истражат случајот. Станува збор за графитот на фасада на зграда на Широк сокак во Битола – „Смрт за шиптари“, напишан на македонски и на албански јазик, со додавка „Закон си е закон“ алудирајќи на Законот за употреба на јазиците.
„Министерството за Европа и за надворешни работи на Република Албанија изразува жалење и го осудува говорот на омраза кон Албанците изразен во натписи на јавен простор во Битола. Не е прв пат Битола, градот на историскиот конгрес за албанскиот јазик, намерно и неприфатливо да биде соочен со акти чија намера е да се предизвика омраза, нарушување и тензии помеѓу заедниците“, стои во соопштението на албанското министерство за Европа и надворешни работи.
Од таму бараат македонските власти да го истражат случајот и да ги откријат сторителите на овој чин, кој, како што велат, „се коси со духот на соживот и хармонија во Македонија и во регионот“, пишува агенцијата Мета.