2win800x200

×

Предупредување

JUser: :_load: Неможно вчитување корисник со ID: 801

JUser: :_load: Неможно вчитување корисник со ID: 802

Интервју со Илија Чавдаровски, битолчанец кој е дел од најскапиот научен проект вo историјата на светот

Ноември 29, 2020

Илија Чавдаровски е македонски научник кој работи на полето на нуклерната фузија на еден од најпрестижните институти во Јужна Кореја. Роден е во 1978 година во Битола, а средното образование го завршил во ДСУ „Ѓорѓи Наумов“. Како средношколец освоил голем број награди на натпревари по математика и физика во Македонија, а учествувал и на Меѓународната математичка олимпијада во Мумбај, Индија. За неговите постигнувања во областа на образованието во 1996 година ја добил наградата „4-ти Ноември“ на град Битола. Додипломските студии ги завршил на Природно-математички факултет во Скопје на отсек применета физика, каде за време на студиите бил основач и прв претседател на Македонското друштво на студенти физичари, а одреден период бил и член на управниот одбор на Интернационалната асоцијација на студенти по физика. Како стипендист на Владата на Република Италија се запишал на докторски студии на Универзитетот Тор вергата во Рим, каде во 2009-та година се стекнал со звање Доктор по физика на плазма и нуклеарна фузија. За време на докторските студии работи во Италијанскиот национален институт за нуклеарна физика (INFN), како и Националната агенција за енергија и нови технологии (ENEA) во Рим, Италија. После завршувањето на студиите во два наврати обезбедува двегодишен постдокторски престој,  прво во Кореја, а потоа и во Кина и Германија. Моментално работи како главен истражувач во Националниот центар за истражување на фузија во Дежон, Кореа.

 

 

Апла: Сега сте дел од голем меѓународен проект, кажете нешто повеќе, за што  станува збор? 

 

Илија Чавдаровски: Идејата за производство на електрична енергија со помош на нуклеарна фузија се појавува кратко после откритието дека тоа е главниот механизам на напојување на ѕвездите. Фузијата на изотопите на водород- деутериум и тритиум, која генерира огромно количество на енергија на температури од околу 200 милиони степени, се покажа како најоптимална реакција за овој потфат. Заради високите температури, горивото се наоѓа во состојба на таканаречена плазма која се држи заробена во силно магнетно поле во комора со форма на ѓеврек. Овој тип на реактор наречен Токамак беше предложен од руските научници Там и Сахаров во 50-тите години од минатиот век и ветуваше брзо решавање на енергетските проблеми во светот. И покрај големиот напредок и ентузијазам во 70-тите години, се покажа дека однесувањето на плазмата во реакторот е многу покомплицирано од очекуваното, што беше и главна причина во 1985-та година да биде договорен еден голем меѓународен проект за изградба на Интернационален термонуклеарен експериментален реактор (ИТЕР) во Кадараш, на југот на Франција. Тоа е всушност најскапиот научен проект во историјата, а во него учествуваат 35 земји и голем број институти во светот. Реакторот е сеуште во изградба, а негова главна цел ќе биде преку тестирање на досегашните сознанија за плазмата и нови технологии, да ги утврди сите детали околу конструкцијата комерцијална фузиона централа. Практично сите очи се вперени кон резултатите кои се очекува овој реактор да ги испорача наредната деценија. Инаку, ИТЕР е само експериментален реактор изграден за научни цели, кој иако произведува 500 мегавати топлинска енергија, сепак нема да се користи за комерцијални цели. Таа задача ја има реактор од наредната генерација наречен ДЕМО, кој фактички ќе работи како централа на електрична енергија со моќност од 2 гигавати. Топлинската енергија добиена од нуклеарните реакции ќе се претвора во електрична со помош на водена пареа, како кај обична термоцентрала. За споредба РЕК Битола има моќност од 675 мегавати, во подобри времиња. Неколку институти, меѓу кои и мојот сегашен институт во Кореја веќе 10-тина години работат на дизајн на новиот ДЕМО реактор.

Дел од предностите на фузиониот реактор е тоа што, за разлика од постоечките реактори кои работат на принцип на нуклеарна фисија, тој е многу побезбеден и не создава никаков отпад, вклучително и радиоактивен. Емисијата на јаглерод диоксид кај реакторот е нула, а резервите на гориво можат да ги задоволат потребите на човештвото за наредните неколку илјади години. Деутериумот се наоѓа во изобилство во водата, а тритиумот ќе се произведува во самиот реактор. Заради тоа, се предвидува дека нуклеaрната фузија ќе ги реши светските проблеми на снабдување со електрична енергија. Покрај тоа, електричната енергија добиена од фузија е многу поевтина, а објектите зафаќаат многу помали површини отколку кај обновливите извори на енергија. Пристапот до евтина енергија ќе ја промени политичката структура во светот, а заради напуштање на фосилните горива некои конфликти во светот веројатно ќе згаснат.

 

 6kstar

 

 

Апла:Како се случи да бидете дел од овој проект?

 

Илија Чавдаровски: Започнав да работам на ова поле за време на моите докторски студии во Рим, а мојот интерес главно беше насочен кон турбуленција и бранови во плазма. Сите институти во коишто сум работел после тоа биле дел од проктот ИТЕР, прво корејскиот, а потоа и Институтот за теорија и симулација на нуклеарна фузија во Хангжоу, Кина. Мојот нареден ангажман беше на здружен проект меѓу Институтот Макс Планк во Минхен и Универзитетот Принстон, што всушност беше соработка меѓу двата најзачајни центри за нуклеарна фузија во Европа и САД. Мојот сегашен институт има солидни достигнувања во експерименталниот дел, како и во компјутерските симулации на плазма, но има потешкотии околу ангажирањето на теориски физичари, бидејќи тоа е потешка област и повеќето докторанди ја избегнуваат. Јас сум првенствено теоретичар и повеќе сакам самостојна и независна работа, а тоа беше главната причина поради која добив понуда за работа. Но покрај тоа, ги користам и другите можности кои ги нуди институтот, како на пример новиот суперкомпјутер кој пристигна пред неколку месеци и кој моментално ми служи за проверка на мојата теориска работа. Се повеќе соработувам и со експериментаторите, иако во тој отдел се работи во групи, па морав да се прилагодам на нивниот начин на работа. Кога пристигнав на овој институт во 2010-та година, преоптимистички предложив 8 експерименти кои сметав дека ќе дадат значајни резултати, за да добијам одговор дека ниеден од нив не може да се изведе на реакторот, кој беше пуштен во употреба само две години пред тоа и ја немаше соодветната дијагностичка опрема. Тоа е нешто што не го знаев како почетник, а како теоретичар повеќе се интересирав за физички феномени во плазма, отколку за практични работа. Во меѓувреме научив доста за конструкцијата на самиот реактор. Оваа година како група дадовме еден предлог, за чија реализација добивме простор од 3 часа, доволно да се извлечат податоци чија анализа ќе трае неколку месеци.

 

 

5 1

 

 

 

Апла: Какви се животот и работата на еден научник во странство?

 

Илија Чавдаровски: Моите досегашни ангажмани беа двогодишни, што од една страна ми создаваше потешкотии затоа што на секои две години морав да се навикнувам на нова средина и нов начин на работа, но од друга страна тоа ми овозможи да посетам многу држави и соработувам со различни луѓе. Кога првпат пристигнав во Кореја во градот имаше голем број на странци и беше лесно да се најдат луѓе со слични интереси. Корејците пак имаат поинакви животни навики од нас. Тие ретко земаат одмор, скоро никогаш не одат на плажа, немаат менталитет за кафе на Широк сокак, скара на Пелистер или партија бељот во Сливница. Новите генерации веќе ги прифатија западните навики и во последно време градот е многу пораздвижен, а ноќниот живот е многу поактивен отколку во Македонија. Атмосферата за работа на институтот е одлична, а луѓето во Кореја по природа избегнуваат конфликти, што не беше случај со мојата работа во Германија каде често имаше судир на интереси.

За време на моите докторски студии во Рим наидов на одлична соработка со луѓе кои имаат сличен менталитет и навики како Македонците, а кои и ден денес ми се пријатели. Тогаш научив многу за културата и уметноста во Италија и почнав многу повеќе да го ценам тоа што Македонија го поседува од историја. Иако, тогаш живеев типичен студентски живот со стипендија со која последната недела во месецот мораше да се преживее со последното евро, што е малку потешко кога немаш дома тегли со ајвар. Меѓутоа, сето тоа е дел од италијанскиот шарм.

Младите Корејци пак не знаат за живот во сиромаштија. Во Кореја, покрај добра плата сите добиваат и социјална помош, даноците и давачките за пензиско и здравствено осигурување се ниски, а здравствениот систем е меѓу најдобрите во светот. Тоа се постигнува со високопродуктивна економија и мала администрација со систем на меритократија во кој многу тешко проаѓаат партиски вработувања и роднински врски. Фактот што никој не се жали на ништо за време на пауза, понекогаш прави да ми недостасуваат македонските кавги за политика.

Кореја има и еден од најквалитетните образовни системи, со многу голема конкуренција, каде само најдобрите ученици можат да се запишат на престижните универзитети, а тоа е скоро гаранција за добро работно место. Од друга страна овој систем создава голем стрес кај учениците кои се принудени да земаат додатни часови после редовното образование скоро до полноќ. Безмалку сите ученици учат музички инструмент и се занимаваат со спорт. Ова ниво на стрес не е прифатливо за ниедна европска земја, посебно не за оние на југот кои имаат потреба од дневна доза на легачење. Кореја од некои причини не ја разбира користа од балансот меѓу напорната работа и уживањето, што се практикува во Франција и Холандија, на пример.

 

 3 1

 

 

 

Апла: Кои се вашите планови за иднина? Се вклопува ли Македонија во тие планови?

 

Илија Чавдровски: Јас имав голема желба да се вратам во Македонија и да работам на ова поле, што всушност и го направив на крајот од 2017-та година. За време на мојот престој во Кина мојот тогашен ментор, кој е светски најголем авторитет на полето на теорија на нуклерна фузија, предложи после моето враќање во Македонија да ја продолжиме соработката преку отворање на заеднички Македонско-Кинески истражен центар во Битола. Беше во план да се овозможи престој на наш кадар во Кина и финансирање на научни истражувања. Тогаш успеав да договорам со управата на Институтот Макс Планк во Минхен да прифатат 3-4 македонски студенти на докторски студии. Јас овој предлог го доставив до Владата, но тие не покажаа скоро никаков интерес. Се обидував да ја туркам работата наредните две години, а истовремено барав работа и на државните и приватните универзитети, без успех. После две години потрошени во убедување, успеав самиот да се убедам да заминам на печалба. Со тоа беше изгубена една прилика да изградиме одличен институт без никаков влог од наша страна.

И покрај тоа, сеуште се надевам дека работите во Македонија ќе се променат, иако сум вечен оптимист само по прашања од науката, а песимист по прашања од човечкиот разум. Како љубител на научна фантастика, верувам дека еден ден нашата земја ќе почне да го цени образованието. Освен финансиски проблеми, не гледам никакво друго оправдување зошто Македонија не може да напредува на ова поле. Во 2003-та година, бев поканет да одржам предавање на Технички Универзитет во Лозана, Швајцарија, каде пред аудиториумот бев претставен како студент кој потекнува од славјанска школа. Тогаш тоа значеше дека имам квалитетно образование и дека сум добар математичар. Во последно време не ги слушам тие пофалби откако во нашето образование се спроведоа некои погрешни реформи и потполна партизација на институциите, а се распадна и целиот вредносен систем во општеството. Направивме толку грешки што полесно би било да го вратиме системот од 1991-ва и да почнеме одново со реформи.

Македонија сеуште има луѓе кои постигнуваат успеси на меѓународно ниво како резултат на лична жртва на ентузијасти кои не очекуваат ништо за возврат. Но, познавам и голем број на луѓе кои имале потенцијал, а не успеале да го реализираат во овој систем. Тоа ни кажува дека нашето место во светот како држава е многу повисоко од она кое што ни го обезбедија нашите политичари. Секаде каде што сум работел имало лица кои доаѓале кај мене за совет кога се работело за некој аналитички проблем. Тоа е кадар кој се образувал на најдобрите универзитети во светот како Принстон и МИТ, а бара совет од некој што студирал во Скопје. Тоа од една страна е комплимент, но од друга страна се отвора прашање колку нашите кадри би можеле да постигнат доколку би ги имале на располагање нивните образовни системи и нивните привилегии.

 

 

8

 

 

 Емилија Мисирлиевски

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани