АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Дали изненадува големиот број на бомби што беа пронајдени деновиве во Битола, а се останати од Првата светска вонја?
ВГ.:Реално јас не сум изненаден, а не верувам дека било кој друг историчар би бил, особено не пиротехничарите кои со години работат на овие проблеми. Тоа воглавно се должи на фактот што на овие територии никогаш не беше се спровела акција за чистење на остатоците од војната по темелен принцип. Она што било на површина се разбира било отстрането, но никој не обрнал внимание на она што било закопано при повлекување на војските, или пак сметале дека е побезбедно да остане таму каде што е под земја. Со сигурност не ќе можеме да кажеме сега бидејќи во суштина нема ни конкретни документи и истражувања како по војната Кралството СХС се справувало со овие проблеми. Тоа е една научна тема која можеби поради овие настани некој колега во иднина ќе сака да ја истражува.
Дали има некакво историско објаснување зошто токму под Тумбе кафе се оставени толку гранати, која војска ги оставила, при која акција, дали ги затрупале? Дали тоа било место каде што биле стационирани или пак имало некаков магацин?
В.Г.:Според фотографиите од лице место лесно може да се увиди дека тоа се експлозивни средства неупотребени без осигурачи. Видовме и дека се истурени на купишта. Тоа значи дека е во суштина акција која е направена при повлекување од градот најверојатно кога Антантата влегува во градот. Војските на Централните сили соочувајќи се со фактот дека не може со себе да носи масивни количини оружје, решава тоа што не може да се пренесе, да се стави под земја, да се неутрализира на еден начин, за истото да не биде искористено против нив кога Антантата ќе го заземе градот. Патем големиот број на екслопзивни средства може сосема добро да ни укаже на следниов факт. Битола според некои извори и проценки е бомбардирана со над 13 000 проектили, тука само на една локација се најдени 15 000 експлозивни средства. Замислете кон колкави бројки на муниција не наведуваат овие податоци. Не за џабе Битола е балканскиот Верден и познат низ Европа како град страдалник. Да сумираме, магацин не верувам дека постоел бидејќи експлозивните средства се најдени во хаотичен ред, а притоа не е најден остаток од никаква градба, барем од според оние информации кои јас ги имам. Со голема веројатност се работи за отфрлање на вишокот при повлекување, нешто што е стандардна постапка во воените дејства при повлекување или бегање на друга позиција.
Што е карактеритично за бомбите што во Првата светска војна се користеле во Битола? Дали имале хемиски отрови?
-Првата светска војна носи мноштво иновации на сите полиња. Особено се развива техниката, тогаш се прават првите тенкови, првите современи пешадиски орудија, се менуваат воените тактики, се оди во изненадни напади, се напуштаат наполеоновите тактики на водење војна итн. Меѓу другото во Првата светска војна за прв пат се употребуваат боевите гасови. Најозлогласен е иперитот. Тој за прв пат бил употребен од страна на германските војски против британскитe и француските војски во битката кај градот Ипер во денешна Белгија. Особено е штетен канцероген и влијае на неколку начини, а оној кој успее да го преживее има тешки ментални последици. Не е само иперитот биле употребувани цел спектар на отровни хемикалии. Реално може да се очекува се да се пронајдат, различни видови проектили, рачни бомби, проектили со боеви гасови некакви пешадиски мини кои масовно прв пат почнале да се употребуваат во Првата светска војна.
-Какви биле последиците од Првата светска војна врз Битола?
В.Г.:Битола по војната од вилаетски центар со 4 печатници, 14 фабрики, стотина занаети, станува една руина, опожарена, разрушена, разграбена. Низ градот се ширеле зарази, буквално бил уништен во секоја смисла. Да кажеме дека не страда само градот туку и сите села во околината. Десетици села се уништени раселени, има страшни миграции. Населението што од миграции што од разни убиства е скоро па преполовено. Стопанството е уништено. На битола ќе и требаат десетина години додека повторно да стабилизира и својот едвам ќе се опорави ќе некаде за време на владеењето на Стојадиновиќ во триесетите години од минатиот век. Во меѓувреме се случува светската економска криза, па така Битола скоро никогаш нема да с еврати на стариот сјај. Како последица на ПСВ во Битола ќе бидат разурнати над 2000 објекти, со што Битола трајно загуби голем дел од своето културно наследство. Еден од тие разурнати и непостоечки објекти е и Црвената касарна која се наоѓала кај денешната спортска сала, оштетени и разграбени се низа верски објекти, изгорени се анови, домови итн. Битола во војната изгуби многу од своето османлиско наследство, дококу би ги ределе по ред сите објекти кои се разурнати, нема да ни стигнат неколку денови.
-Кој бил најмладиот војник од Битола вклучен во првата светска војна?
Во војната не биле поштедени ни децата. Најмлад војник во Првата светска војна е битолчанецот Михаило Зега, фотограф, кој бил и чирак на Милтон Манаки. Тој бил најмладиот униформиран војник. Понатаму особено е интересно што пример, кај нас во текот на војната за прв пат населението гледа како се игра фудбал. Војниците во слободно време често зналеле да практикуваат спорт. Некои од војниците сликале, фотографирале, па благодарание на тоа особено добро е документиран животот на локалното население. Интересно е да се спомене и тоа дека уште во текот на војнатаво 1918 година српските војски отвораат и училиште во село Брод, Битолско, настан од кој постојат и фотографии. Училиштето го отвора како почесен гостин италијанецот Момбели. Населението во овој период прв пат ќе се запознае помасовно и со земјоделската култура домат, и ќе научи дека не се конзумираат зелени како дотогаш што ги конзумирале туку црвени и свежи. Предходно најчесто ги користеле како туршија иако не ни била земјоделска култура која била особено садена на овие простори, бидејќи. Битола и нејзината околина биле санитетски центар, тука доаѓале мнозина хуманисти. Во околината постоеле привремени воени аеродроми од кои еден француски бил сместен во село Бач. Има уште многу што да се зборува и каже но да оставиме нешто и за некоја наредна прилика.
-Битола денес нема аеродром. Но, дали имала во времето на војните?
Во време на Првата светска војна на оваа територија престојувале 504 и 503 француски ескадрон. Тогаш во Бач, поточно во Долно јамишта, имало француски воен аеродром,кој најдобро можеме да го забележиме на сликата каде што е генералот Гросети. Додека за паднатиот авион и за загинатиот пилот Французите подигнале споменик кој се наоѓа кај долниот пат за село Гермијан кој за жал е само делумно зачуван бидејки при повлекувањето на французите тие ја понеле и бистата од споменикот.