„Коцкар“ –премиерно во Битолскиот театар

Февруари 15, 2018

Претставата „Коцкар“ од Ф. М. Достоевски во режија на Дејан Пројковски е најновата премиера на ансамблот на НУ Народен театар-Битола. Таа ќе биде изведена викендов како  првата премиерна претстава во новата година. Во неа  се ангажирани 14 актери, а главните улоги ги толкуваат актерите Огнен Дранговски и Илина Чоревска.

 

-Целата претстава е едно сизифовско, но не искачување туку пропаѓање до дното или до дуплото дно. Ликовите во претставата постојано се меѓу рајот и пеколот. Преку пеколната машина рулетот ги гледаме сите страсти на човекот, лажното дефинирање на среќа и затоа самата претстава во еден момент станува трагикомична бидејќи ликовите се борат да создадат лажна претстава за самите себе. Работејќи на претставата сватив дека главниот лик Алексеј Иванович, може да се каже дека е руски Хамлет и во таа смисла драго ми е што таа улога му ја доверив на актерот Огнен Дранговски, истакна режисерот Пројковски на денешната прес- конференција во битолскиот театар.

„Коцкар“ е финансиски поддржана од Министерството за култура, а директорот на театарот Иван Јерчиќ потврди дека освен што добиле средства за театарски претстави, ќе реализираат и две гостувања во странство.  Театарот оваа година дополнително и со свои средства ќе подготви две театарски претстави, а една од нив ќе биде посветена на најмладата публика – децата.

 -Во природата на човекот е никогаш да не биде задоволен, а кај уметниците задолжително е правилото да се незадоволни, и во таа смисла ако треба лично да кажам, тогаш не сум целосно задоволен од средствата што ни се доделени, но средствата што ги добивме од Министерството за култура за 4 театарски проекти, за организирање на „Битола Шекспир Фестивал“ и за две гостувања во странство, односно во Ерменија и Полска, тогаш збирно кажано тоа е доволно за да успешно менаџираме на сите проекти и е во рамки на претходните буџети на театарот, изјави директорот на НУ Народен театар-Битола, Иван Јерчиќ.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани