АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Неколку илјади граѓани на Битола, гости од Израел, политичари, ученици се вклучија на Маршот на живите по повод 75 годишнината од депортацијата на Евреите од Битола. На Маршот беше испратена пораката -Никогаш да не се повтори.
Настанот е со поддршка на Собранието на Р. Македонија и Амбасадата на Израел во нашата земја.
-Се собравме по повод 75 години од холокаустот, преку 7000 Евреи заминаа од овде и сите го имаа истиот крај. Усвоивме декларација во Собранието во контекст на поддршка и спротивставување на таквите можни настани за кои укажуваме, човештвото повеќе да не дозволи да се случат. Ние со ова покажуваме дека граѓаните на Р.Македонија ги паметат нашите сограѓани Евреи, рече претседателот на Собранието на Р.Македонија Талат Џафери на церемонијата во Битола.
Заменик министерот за одбрана на Израел Рабин Елиаху Михаил Бен-Дахан, рече дека денот на депортацијата на битолските Евреи е можност да се потсетиме на еврејската заедница што живеела овде.
- Приказната за Битола сеуште не е доволно раскажана, бидејќи не останаа живи сите оние кои можеа да ја раскажат приказната. Тука сме да ја дораскажиме приказната , рече израелскиот заменик министер за одбрана Бен-Дахан.
Градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, пак кажа дека Битола и битолчани никогаш нема да ги заборават своите сограѓани Евреи.
- Денес е значаен ден за да кажеме дека и покрај се што се случило во минатото со Евреите , еврејската заедница е сеуште меѓу нас и сите Евреи од целиот свет се добредојдени за да ги зачуваме нашите спомени и да кажеме дека – едно нешто не смее да се повтори и дека човештвото треба да се движи по патеките на заедништвото и љубовта рече Петровска.