АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Во Битола денеска се организира Интернационалниот марш на животот, како и Комеморативна програма под покровителство на македонската Влада, по повод одбележувањето на 75 години од депортацијата на македонските Евреи.
Државни делегации од Македонија и Израел, претставници на невладини организации, но и голем број потомци на битолски Евреи од Израел, Латинска Америка и САД, најавија дека се приклучуваат
во досега најмасовното одбележување во Македонија на депортацијата и уништувањето на Еврејската заедница.
Комеморативното одбележување започнува во 11 часот пред Здравствениот дом “Др.Хаим Абраванел”, со свечена програма и полагање на цвеќе на спомениците на депортираните Евреи и на Естреја Овадија Мара.
Со масовен Марш на животот, во кој ќе бидат вклучени над 2.000 лица, Битола до светот ќе испрати порака за мир и космополитизам. Програмата автентично ќе го долови депортирањето на Евреите пред 75 години. Кобниот момент ќе го најават сирени во 12 часот, по што маршот ќе тргне по Широк сокак се до Железничката станица, каде Евреите своевремено биле натоварени во вагони и пренесени до привремен логор во Скопје, а потоа до логорот на смртта Треблинка во Полска, каде биле егзекутирани.
Во Паркот на живите сеќавања на Еврејските гробишта, свечено ќе биде отворена Ерусалимската патека. На комеморативна церемонија ќе бидат поставени камчиња за сеќавање на 793 семејства од Битола – жртви на холокаустот. Во НУ Завод, Музеј Битола, во 15:15 часот, светска премиера ќе има изложбата на музејот „Јад Вашем” од Израел.