АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Со 40 светлосни топки, и со изложба на детски цртежи кои пристигнаа од сите страни на светот, синоќа во Битола почна јубилејното 40. издание на меѓународната ликовна колонија „Мал битолски Монмартр". Сите учесници без исклучок посочија на големата фестивалска празнина, отсуството на идејниот творец на манифестацијата Коста Хаџи Антоновски кој неодамна почина во овој град, и исто така сите учесници потврдија дека традицијата на „Мал битолски Монмартр", продолжува.
Годинава на фестивалскиот конкурс учествуваа 453 училишта од 33 држави во светот кои во Битола испратија 13.737 цртежи, а наградата „Гран при" им припадна на учениците од руското „Училиште 1955" во Москва. Наградата беше врачена на претставник на руската амбасада во земјава, додека наградата „Златна четка" за ученици од Јапонија му беше врачена на јапонскиот амбасадор Савада Хиронори., како и посебно признание на Општина Битола кое го доби Емилија Костурски, заменик градоначалник на Битола.
На платото пред Националната галерија на детското ликовно студио „Св. Кирил и Методиј"-Битола кое денес го слави патрониот празник, синоќа беше доделена и нововостановената награда „Коста Хаџи Антоновски", а ја доби Теодолина Паскал од Евора, Португалија.
извор МИА
Фото: Љупчо Машлак