АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Познатата ладино пејачка Сара Ароесте, која има битолски семејни корени, денес го сними флеш мобот на Широк Сокак пред пицеријата „Равена“ која некогаш беше куќа во која живееле нејзините предци. На флеш мобот учествуваа повеќемина битолчани, а материјалот ќе биде искористен за видео спотовите на песните „Моја Битола“ и „Од Битола појдов“ кои ги снима „Гимел продукција“. Како сценографија во спотовите искористени се објекти кои се поврзани со историјата на битолските Евреи, како и други места кои се значајни за Битола.
„Mi Monastir“ или „Моја Битола“ е авторска песна напишана и испеана од Сара Ароестe,, а која е дел од нејзиниот албум „Монастир“ со 10 песни, стари и нови, поврзани со некогашниот живот на Евреите во Битола. Во овој музички проект учествуваа 30 уметници од Македонија и Израел, а албумот се снимаше во студиото „Гимел“.
„Јас ја напишав ‘Моја Битола’, инспирирана од корените кои ме поврзуваат со Битола, од раскажувањата за животите на моите претци, некои од нив живееле на Широк Сокак. Сакав музички да се осврнам на она што го доживувам кога ќе го посетам родното место на мојата фамилија“, рече Ароесте.
Албумот ја содржи и „Од Битола појдов“ народна македонска песна која Ароесте ја преработи во модерен аранжман, а учествуваат и музчичарите Вевки Амедов, Сефедин Бајрамов и Мими Марковски. Песната „Јовано Јованке“ за првпат е препеана на хебрејски јазик, а во „Едно време си бев ерген“ пее и хорот од детската градина која го носи името на Еврејката „Естреа Овадија Мара“.
„Целта ни е да создадеме видо спотови за двете нејзини песни преку кои ќе се збележува духот на Битола, ќе пулсираат оние стари времиња кога наши сограѓани беа и жителите од Евреслата заедница, да оставиме траен музички печат за Битола преку прекрасниот глас на Сара Ароесте и богатата историја на Битола“, рече продуцентот Мими Маровски.
Претците на Сара ја напуштиле Битола за време на Балканските војни, поради лошата економска состојба и законот кој налагал да се приклучат кон војската. Подоцна, во 1930 година баба ѝ и дедо ѝ Битола ја посетиле за време на свадбеното патување. Снимиле црно-бел видео материјал, па се вратиле во Америка каде продолжила да се развива семејната лоза. Сара денес живее во Масачусетс. Други роднини од семејството Ароесте и Нахмијас загинале во Холокаустот.