АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Застапниците на рускиот инвеститор Јуриј Липухин ја тужат Општина Битола, бидејќи со изградбата на луксузниот станбено-деловен комплекс „Јуриј“ не му обезбедила целосна комунална инфраструктура. За надомест на штета бараат околу 138 милиони денари или 2,3 милиони евра. Она што е симптоматично за новата локална власт е што тужбата се поднесува на 5 октомври, 10 дена пред последните локални избори, кога беше извесно дека ќе се менува власта во градот , после 12 години владеење на ВМРО-ДПМНЕ и Владимир Талески.
„Јуриј“ почна да се гради во летото 2012 година, до денес во новата населба „Златен рид“ се уште не е решена целосно инфраструктурата според договорот направен меѓу инвеститорите и Општината, иако од комуналии од тој простор општината инкасира 5,2 милиони евра.
Адвокатот Васил Ѓорѓијев, кој ја застапува фирмата „Елита инвест трејд ДООЕЛ Скопје“, основана од биснисменот Липухин, вели дека тужбата е поднесена додека Талески се уште беше на власт во октомври 2017 години, во Основниот суд Битола. Определен е судија но, се уште се чека на закажување на првото рочиште.
-Инвеститорот зеде две парцели во поранешната касарна и ги уплати паричните средства и вклучително комуналиите кон Општината кои изнесуваа околу 36.600.000 денари. Огромни суми на пари беа уплатени, а во договорот со Општината стоеше дека треба да го уреди земјиштето и да му овозможи на „Јуриј“ зградата која што се градеше нормално да функционира и набрзо да дојде до продажба на становите. Но, заради неажурноста на општина Битола тоа до денеска не е исполнето. Тоа се факти“, вели адвокатот Ѓорѓијев.
Тој наведува дека десетици пати пратиле дописи и предупредувања до Општината да се делува на терен и да се исполнат договорените ветувања, и покрај ветувањата на Талески, парите од комуналии од касарната биле пренаменети во ИЗ „Жабени“.
-Опомените од нас беа чести, инвеститорот не успеа да ги продаде становите според планот, затоа одлучивме додека беше Талески на власт да направиме вештачење да ја собереме целата документација и да ја тужиме Општината. Штетата која бараме да ни се надомести изнесува 137. 852.397.28 денари, таа е во смисла на изгубена добивка и ред други штети кои се наведени во историјата на тужбата, вели адвокатот на „Јуриј“.
Од општината ни одговорија : „Oва е уште еден од наследените проблеми од времето на Талески кој треба да го решаваме. Но, интересно е што тужбеното барање е подигнато десеттина дена пред одржувањето на локалните избори, на кои очигледно беше дека ќе победи СДСМ, иако проблемот со инфраструктурата во касарната беше актуелен години наназат. И баш во време кога се работи на изградба на улиците во поранешната касарна и на останата инфраструктура се акуелизира овој проблем“, велат од Општина Битола.
Новата локална самоуправа не само што треба да ја заврши работата со урбанизација на просторот, туку и да го отплаќа кредитот од 2,5 милиони евра што го зеде Талески за да гради инфраструктура во поранешната касарана.
Близу 10 милиони денари треба да исплати Општината само годинава за основа и за камата.