2win800x200

×

Предупредување

JUser: :_load: Неможно вчитување корисник со ID: 801

Габриела Илиевска, реагира што „Поинаку“ не биле вклучени во вчерашната еко акција

Мај 06, 2018

Советниците од „Поинаку“ изразија револт што вчера не биле повикани да се вклучат во акцијата за чистење на дивите депонии на битолскиот Баир.

Реакцијата испратена до апла.мк ви ја пренесуваме во целост.

 

-Како битолчани, ја поздравуваме иницијативата на ЗЕЛС за чистење на животната средина во општините на Република Македонија. Ваквите акции придонесуваат за подобрување на квалитетот на живот во локалните заедници, а истовремено и за зголемување на еколошката свест кај граѓаните. 

Од друга страна, како претставници на независната листа во Советот на Општина Битола, сакаме да го изразиме нашиот револт заради начинот на кој Општина Битола и градоначалничката Наташа Петровска ја спроведоа вчерашната еколошка акција. Во ситуација кога Битола е еден од најзагадените градови во нашата држава, кога нејзината непосредна околина е затрупана со ѓубре и диви депонии, логично беше за една ваква акција да бидеме информирани и вклучени и ние, како членови на општинскиот Совет, исто како и граѓанските здруженија од областа на заштитата на животната средина и, генерално, сите граѓани на општина Битола. Бидејќи правото и обврската да се грижиме за чиста и здрава животна средина, ни припаѓа подеднакво на сите нас. Тука нема место за политика.

За жал, актуелната локална власт уште еднаш ја покажа својата нетранспарентност и отсуство на желба да ги обедини граѓаните во реализацијата на една хумана и надпартиска идеја, која е во интерес и од приоритетно значење за битолчани. Ситнопартиските и дневнополитичките интереси на поединци од локалната власт, не смеат да бидат над интересите на пошироката заедница. Сигурни сме дека доколку првите луѓе на градот покажеа повеќе чувство за проблемите и потребите на граѓаните на Битола, ефектот од вчерашната еколошка акција ќе беше значително поголем, пишуваат  од „Поинаку“.

Како што објавивме, Општина Битола и јавните претпријатија , вчера,  активно се вклучија во акцијата за средување, чистење и разубавување на животната средина во општините во Република Македонија, иницирана од Заедницата на единиците на локалната самоуправа. Во еко акцијата се вкучија со механизација и работници Јавните претпријатија „Комуналец, „Нискоградба“и „Водовод“ од Битола. Покрај вработените, смет чистеа и  директорите на јавните претпријатија и советници.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани