АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Општина Битола и јавните претпријатија активно се вклучија во акцијата за средување, чистење и разубавување на животната средина во општините во Република Македонија, иницирана од Заедницата на единиците на локалната самоуправа. Во еко акцијата се вкучија со механизација и работници Јавните претпријатија „Комуналец, „Нискоградба“и „Водовод“ од Битола. Покрај вработените, смет чистеа и заменичката градоначалник Емилија Костурска, директорите на јавните претпријатија и советници.
Се чистеа дивите депонии во горниот дел од населбата Баир, место кое според хигиената е најгорлив проблем во Битола.
„Општина Битола продолжува со акциите за чистење на дивите депонии во општината и во градот. Досега се исчистени над 20 диви депонии и значително е намален бројот. Се разбира дека тоа не е крај и не е се чисто. Ќе продолжиме и понатаму да се занимаваме со овие проблеми. Исто така, зголемување на службите во Општина Битола во комунланиот дел е едно од решенијата кое може да ги намали дивите депонии. Не дека ќе ги нема, но мора да делуваме да се намалат“, рече Валентин Груевски, претседател на Советот.
Координаторот на акцијата, директор на ЈП „Комуналец“, Панде Богоевски изјави дека во Битола има педесетина диви депонии, кои иако се чистат, граѓаните пак ги полнат со смет.
„’Комуналец’ во рамките на своите редовни активности врши периодично на месец до два чистење на диви депонии во соработка со ЈКП ‘Водовод’ и ‘Нискоградба’. Во заеднички акции со Општината учествуваме во расчистувањето на дивите депонии што се јавуваат низ градот. Причината за депониите сите сме свесни дека е несовесното однесување на граѓаните. Ние сме секогаш расположени да исчистиме, но никогаш не можиме да исчистиме доволно колку што прават граѓаните диви депонии“, рече Богоевски.
Тој испрати апел до сите граѓани да се обратат ако имаат потреба за подигање на сметот и од претпријатието ќе им го подигнат отпадот од дома, наместо луѓето да го исфрлат некаде и да се направи дива депонија.
Организирано собирање на сметот на Бајрот е тешко изводливо поради тесните улички и сокаци, но од ЈП „Комуналец“ велат дека во иднина ќе се бара решение за овој проблем.
„Во однос на организирано подигање на сметот овде е тешко изводливо. Ова е најгорливиот проблем во градот, најголемата депонија е овде. Ние сме сериозни во нашите намери и сакаме да се зафатиме со решавање на сите проблеми и овој иако е горлив и тешко решлив, се надевам дека ќе го решиме проблемот и со организирано подигање на сметот и кај овие групи граѓани“, рече Богоевски.
И идната сабота продолжува акцијата за чистење на диви депонии.