АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Со дијаметер над еден метар беше големиот мазник што на Василица го свртија жителите на битолско Буково. Се поделија дури 28 парчиња, а големиот мазник го обезбеди Гордана Балтовска, директока во Стопанска банка –Битола. Ова беше првата Василичарска буковска трпеза на која учество зедоа сите жители во селото, па дури и оние кои се ислени најдоа начин да учествуваат.
Трпезата беше пребогата подготвена од вредните раце на буковските домаќинки. Немаше што нема. Од питулици, палачнки, мекици, зелници, баклави, равании, торти, колачи, гибаници... Се испече цела фурна леб со дваесетина векни, а по старата традиција веднаш по лебот се ставија пипеки да се печат и на местото каде се одржуваше прославата жителка од Буково толчеше пресна пипер. Овој зачин познат како буковска пипер е бренд на селото.
„Сето ова за гостите беше бесплатно. Донираше секој колку сака, а тие пари нема да бидат за настанот и организаторите, туку ќе останат да се користат за потребите на Буково“, рече Горан Кабровски, претседател на месната заедница во Буково.
За учесниците и гостите на првата Василичарска буковска трпеза имаше дрес код за дамите-баретка или шеширче плус ракавици, шал, марама. Дрес кодот за мажите беше палто плус шешир плус ракавици.
„Ваков дрес код избравме за да ја прикажиме традицијата што постои во Буково. Се смета дека ова населено место е постаро од Битола. Првите жители во Буково се дојдени од Хераклеја. Се смета дека луѓето кога се исселиле од Хераклеја дошле во Буково. Од тука потекнуваат многу традиции. Територијата на Буково е голема и се протега дури до Драгор во Битола. Дел од дуќаните се на буковци, поранешни буковски ливади и ниви. И во однос на градбите постојат документи дека биле градени куќи за кои имало тапии уште пред 600 години. Архитектурата на дел од објектите е како градската“, додаде Кабровски.
Во Буково денес има 1100 жители, а од таму исселени се над 4000 лица кои денес имаат свои фамилии, па бројката на буковци низ светот е многу поголема.
Дел од василичарската прослава беше и палењето на оган од страна на најстариот жител во Буково. Прославата беше на отворено со почитување на ковид мерките.
Ж. З.