АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Карантинскиот викенд во дел од општините во земјава, вчера го наполни Пелистер со туристи од други градови. Националниот парк со месеци не памети толкава посетеност со туристи од земјава. Видно беше присуството на семејства и друштва од Скопје, на паркинзите имаше возила со скопски таблички, па дури и комбиња кои превезуваа туристи од други градови.
Низ планинарските патеки, покрај шетачи со спортска опрема, можеа да се сретнат и гости по фармерки и чевли. Некои коментираа дека очекувале на Пелистер да се искачат со жичница и да пијат кафе на Копанки. Но, жичницата не работи преку лето на Пелистер, а на Копанки нема кафе откако изгоре планинарскиот дом пред седум години. Посетителите можеа да се освежат само во хотел „Молика“ кој од 28 мај за гости ја отвори летната тераса со задолжително почитување на протоколот за работа во услови на пандемија со КОВИД-19.
Во Битола на чија територија спаѓа и Пелистер, полицискиот час деновиве почнуваше од 16 часот и траеше со пет часот наутро. Тоа што градот не беше затворен 24 часа, привлече многу битолчани кои живеат во Скопје и градови каде имаше карантин, како и други гости викендов да го минат во Битола. Полни беа и вилите во подплеистерските села. Туристи од Скопје имаше во Преспа, каде досега не е регистриран ни еден заболен од КОВИД-19. На мапата на домашните гости беа Брајчино, Дупени, како пешачката патекла од Претор до Крани.
Примерок од прекрасното пелистерско диво лале кое е на Светската и Европскта црвена листа на загрозени видови, фотографираше на Пелистер битолчанецот Живко Најдовски, љубител на планината и познавач на растителниот свет.