АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Една од најуспешните актерки што битолското глумиште ја имало, Соња Михајлова, заминува во пензија. Тоа го соопшти од сцената за време на роденденскиот музичко-сценски преформанс за 78-годишнината од постоењето на Народниот театар од Битола. Михајлова пред публиката, која ја имаше исполнето театарската сала до последно седиште, кажа дека оди во пензија, но нема намера да се откаже од сцената.
„Глумата и театарот се засекогаш со мене и во мене. И ќе бидам овде и тука за живот на Народен театар Битола. Театарот и глумата се љубов што трае како што трае НТБ“, рече Михајлова.
Таа се присети дека заминала да студира на стоматологија и по една година студии, под влијание на битолското друштво на чело со Петар Мирчевски, „Пепи Пивцето, де“, како што рече, се пријавила на приемен за глума. Од едниот факултет се префрлила на другиот. Не од мали нозе, туку од големи се вљубила во тетарот. Во трета година од студиите стапнала на сцената на Битолскиот театар во дипломската претстава „Пеш“ на режисерот Владо Цветановски.
„И пешки го започнав тетарското патување и дружбата во театарското семејство. Патувавме многу во тогашна Југославија од Битола до Љубљана на долго и на широко, во автобусот се живееше патувачки театар, се јадеше, пиеше, се играше и смееше. Бевме редовни гости на фестивали, по десетина дена како субвенционирано летување. НТБ беше бренд во Југославија секаде дочекуван со почит, престиж на режисерите да дојдат да режираат кај нас. А на сцената бурно. Претстава за претстава, по 8-9 премиери годишно, по 20 до 250 одиграни претстави годишно“, рече таа.
Се присети дека еднаш дури дала и отказ од работа, но се вратила назад зашто од пишаното и љубовта не се бега. Спомна и моменти од кариерата кои денес изгледаат смешно, но биле опасни.
„Техниката е многу важен дел од семејството за да не се случи она како на претставата ‘Лет во место’ кога за влакно ги избегнавме чардакот од сцеографијата кој се сруши на сред претстава. Еднаш се набавија сценски куршими-ќорци, колегата Цобе пука на сцената, но од ќорецот излезе солзевец, и ние и публиката не знаевме каде да излеземе. Дијазепам беше чашка алкохол и дружба во бифе. Некогаш ваквиот дијазепам беше со продолжено дејство“, рече Михајлова.
Покрај неа, годинава во пензија заминаа и Петар Мирчевски, Менка Бојаџиева, режисерот Љупчо Ѓоргиевски, сценографот Драган Ангелковиќ, светло мајсторот Илија Димовски, гардероберка Елена Христовска. Публиката ги поздрави со голем аплуз, а Илина Чоревска, водителка на перформансот, рече дека на помладите колеги им останува да го продолжат нивниот завет.
„Од 1945 БНТ има изведено над 600 премиери, над 12.000 претстави и го посетиле над 5 милиони гледачи. Токму затоа денес е несомнено најуспешниот театарски ансамбл во Македонија. Брои над 70 вработени. Низ неговите врати на македонската сцена влегле голем број на театарски режисерки имиња кои најпрво режирале во нашиот театар. Гостувања до САД, Кина Австралија. Само во последните 4 години НТБ доби повеќе од 25 награди“, рече Чоревска.
Роденденскиот перформанс беше вистинско уживање за публиката, полн смеа. Во него актерите како што и претходно практикувале за родендените се претставија со делови од свои монолози, шеги, а некои и со песни. Петар Горко и Маја Андоновска-Илијевски во улоги на Тома Здравковиќ и Силвана Арманулиќ ја испееја песната „Полноќ е“. Катерина Аневска прекрасно ја изведе „Дениција“ од Петре М. Андреевски додека Огнен Дранговски свиреше на гитара, други актери во ритамот „Бела чао“ пееја „И пак да се родам тука ќе дојдам во мојот Театар битолски“. На сцена со шегите се надмина Петар Спировски глумејќи чистачка која сака да стене актерка.
На 12 ноемеври, во сабота, со почеток во 18 часот во хотел „Милениум Палас“ во Битола ќе се одржи промоцијата на новото политичко движење Македонска Модерна. Основачите порачуваат дека ова движење настана како плод на ентузијазмот на неколкумина личности, кои своеглаво и храбро, се осмелија да кажат дека веќе е доста. Политичкото движење Македонска Модерна, претставува партнер на граѓаните, тоа произлегува од нив и постои за нив.
Говорници на промоцијата ќе бидат Васко Гичевски и Петар Атанасов.
„За нас е важно да се слушне гласот на народот, но уште поважно е да се дејствува во насока на разрешување на проблемите кои на сите нас ни надвиснати врз главите. Ќе проговориме за образованието и општеството, бидејќи образованието е најзначаен сегмент во градењето на едно општество. Како просветен работник секогаш сум се борел за доброто на учениците, за развој на воспитно- образовната дејност, за подобрување на положбата на просветните работници. Овие гледишта се длабоко вткаени во политичкото движење „Македонска Модерна““, вели Гичевски.
Визијата на новото политичко движење е засновано на тоа дека македонската држава мора да биде изградена врз здрави темели. Во нашето општество мора да надвладее разумот и квалитетот! Современата македонска држава, треба за цел да ја има благосостојбата на народот! Од друга страна, треба да се знае дека, општествените промени не се случуваат сами од себе. Народот е тој кој навистина управува со развојот, народот сам си ја кова својата судбина.
„Токму поради тоа, важен е ставот на сите вас кои сте дел од македонското општество. Важен ни е вашиот глас, вашиот став, вашите проблеми! Само заедно преку постојан дијалог можеме да ги донесеме најправилните решенија за најголемите проблеми. Ве очекувам сабота на 12 ноември заедно да проговориме и да дејствуваме за нашето подобро утре“, порачаа организаторите.