2win800x200

Коњановски возврати-поднесените кривични пријави од СДСМ се неосновани и обид за мобинг

Септември 20, 2023
Мобингот и неоснованите кривични пријави нема да не спречат да продолжиме да работиме во интерес на сите граѓани на Битола, возврати градоначалникот Тони Коњановски на вчера највените кривични пријави на СДСМ кон вработени во општината и директори на училишта 
 
Моето работење како градоначалник, продолжува да биде конструктивно, посветено и во интерес на граѓаните, пред се благодарение на моите соработници, стручни и професионални луѓе од општинската администрација и институциите со кои раководам.
Во моментот, на општинската сметка има 237.000.000 денари и 45,10 % реализација на капитални инвестиции и проекти, со исплатени 154.000.000 денари.
Да потсетам дека, кога дојдов затекнав буџетска сметка со 283.000.000 денари, но и 209.000.000 денари, неисплатени обврски.
Реконструираме улици, паркинг простори, уредуваме јавни површини, ги подобруваме условите во училиштата, обезбедуваме поддршка за учениците и младите од општината.
Секогаш може да се направи повеќе и токму затоа, настојувам да добијам конструктивност од сите политички партии, наместо популизам или залажување на граѓаните.
Денес, повторно имаме кривични пријави од страна на СДСМ.
Како што и самите знаат и овие пријави им се неосновани, како и претходната која ја поднесоа против мене, затоа што во случајот за кој денес шират дезинформации, комисијата за трансформација постапила законски, како и сите директори кои сакаат да ги обвинат по различни основи.
Жалам што наместо да зборуваат за проекти, сакаат да ја деградираат општинската администрација, преку директен мобинг врз вработените и раководните лица, да оневозможат нормално функционирање на општината и институциите под нејзина надлежност.
Изминатите месеци “благодарение“ на новото мнозинство во Советот, покрај инспекциски надзори од страна на државниот инспектор за локална самоуправа, имавме и други вонредни инспекциски надзори:
- На 25.05.2023 година, со записник за извршен вонреден инспекциски надзор од Државен управен инспекторат за работата на Комисијата за образование во општината за трансформација на работен однос за тројца одделенски наставници, констатирано е дека не се утврдени никакви неправилности во работењето на субјектот на надзор и согласно член 85 став 5 од Законот за инспекциски надзор, конкретната инспекциска постапка се запира.
- Во записникот од извршениот вонреден инспекциски надзор врз истата комисија од страна на Државниот инспекторат за труд при Министерството за труд и социјална политика од 26.05.2023 и овие инспектори констатирале дека, не се утврдени неправилности во работењето на субјектот на надзор – Општина Битола.
Претходно, во мај годинава, од направената анализа, констатирано е дека бројот на запишани ученици по паралелки во основното образование е под 20, што е под законски определениот, а од страна на Министерството за образование и наука, општина Битола е вклучена во процесите на оптимизирање на училишната мрежа. Сите информации со пропратната документација, испратени се до училиштата, каде посебно е нагласено да се води сметка за бројот на деца кои ќе се запишат во училиштата во наредните години, со цел да не се создаде технолошки вишок.
Комплетната документација за трансформирање на работните места, со сите направени анализи, од страна на општинската комисија за образование е доставена до Министерството за образование и наука.
Ова потврдува дека, Општина Битола, целосно ги испочитувала законските рокови, а комисијата и директорите, комплетно ја завршиле својата работа.
На крај, поднесувајќи кривични пријави, СДСМ сака да ја маргинализира својата одговорност за состојбите кои треба да се решаваат на централно ниво и вината да ја префрли на локалната самоуправа.
Политичките амбиции на поединци, не смеат да значат поигрување со нечии животи, ниту да бидат причина за комплетно блокирање на функционалноста на институциите на локално ниво.
Поднесените кривични пријави од СДСМ се неосновани и нема да не спречат да продолжиме да работиме посветено и одговорно.
Тој што не погрешил, нема ни од што да се плаши! Напротив, продолжува да реализира уште повеќе проекти!
Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани