АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Пишува Светлана Петковска
Луди вемиња, чудни луѓе, настани од кои ви се врти во главата. Не знаеме дали е дење или ноќе, дали она што го слушаме е вистина или лага. Дваесет и први век и сѐ е можно, да, сѐ, баш сѐ.
Дел од летово го поминав во Грција, многу на југ, поблизу до Турција одошто до Грција. Остров Парос, септевмври, многу интересен месец и за нив и за нас. Заминуваме надолу со мисла како ќе биде, дали ќе има провокации, проблеми, име, презиме? Септември е нели, Северна, Јужна, Посеверна, Појужна.
Сопственичката на хотелот во кој бев сместена, млада девојка во семеен бизнис, надолго и нашироко раскажува за убавините на својот дом, островот Парос. За секое камче има приказна, за црквите да не зборувам, констатира и нѐ предупредува дека немаат доволно вода, струја за прв пат годинава, откако ЕУ им постави ветерници имаат доволно. Кажува дека за догодина во план се 250 нови централи на ветер, ама струјата ќе се извезува за Германија, Грција пак ќе оскудува со струја. Многу искрено сето ова го прикажа. Нѐ замоли да си земаме сметки за секое потрошено евро, зашто има големи инспекции кои казнуваат, па додава „ќе ви требаат на граница за taks free, нели, сте членка на ЕУ?“ Ми застана залакот в грло. Кристина од Парос мислеше дека сме членка на ЕУ! Гајле ѝ е неа за ЕУ, битно и е бизнисот да и ги покрие трошоците. И да, без проблем слушавме македонска музика на најјако на терасата од нејзиниот хотел. Без никој збор да ни рече.
Во бродот со кој патував, седев до Клеа, обична жена од Лондон, вработена во Владата на Обединетото кралство. Патуваше со нејзината стара мајка. Во разговорот за Брегзит и за 30.09 во Македонија, констатиравме дека, ако сме во различна позиција (тие на излезната врата, ние на влезната во ЕУ), и нашето и нивното место е ЕУ. Патем, Клеа знаеше многу работи за Македонија, имала пријателка Весна кај која одела да јади во пабот отспротива канцеларијата. Се муабетевме како да се знаеме со години, и за секоја работа имавме исто мислење.
Зошто ги кажав овие два примери од еднонеделното патување по Егејот? Еден излез од жабурникот која нѐ опкружува, не прави да си го прошириме видокругот, да се запрашаме за прашања кои можеби не ни биле јасни, да помислиме дека во светот има и убави работи кои ни се на дофат, а ние можеби му ја гледаме само опачината. Тогаш сфаќаме дека нештата имаат и лице освен опачина.
ДА ГО ПОГЛЕДНЕМЕ ЛИЦЕТО, ТОА УМЕЕ ДА СЕ СМЕЕ, ДА ЈА ОСТАВИМЕ ОПАЧИНАТА НАЗАД, ЗАД ЛИЦЕТО. САМО ТАКА МОЖЕМЕ ДА ОДИМЕ НАПРЕД!