Наследството! (пишува Валентин Груевски)

Октомври 16, 2019

Кога во октомври 2017 година,  официјално ја презедовме власта во Општина Битола, никој од нас, кои дoбивме некакви функции во новата власт, никој во партиите кои ги добија изборите, а мислам и голем дел  и од оние што работеа во Општина Битола, не очекуваа, односно да употребам малку поинаков речник, ни на крај памет не им доаѓаше, дека состојбите кои ќе ги најдеме ќе бидат толку лоши, катастрофални, несредени и на граница да престанат да постојат.

Ќе започнам со она што беше и се уште е актуелно, но за среќа, се гледа крајот и светлото во тунелот.

Битолското образование беше на колена. Училиштата беа со блокирани жиро сметки, огромни долгови , немаа можност да купат ниту една креда, ниту сунѓер, ниту тоалетна хартија. Милиони евра се должеа кон сите и за се, се должеше кон превозниците, се должеше кон јавните претпријатија, кон добавувачите за нафта, кон ЕВН. Се ,,функционираше“, ама ништо не се плаќаше. Тоа беше начинот на работа, тоа беше начинот на размислување, тоа беше системот кој се воспоставуваше.

Училиштето во Бистрица должеше 600.000 евра, Стопанcко 250.000 евра, Медицинскo 300.000 евра, десетина училишта имаа блокирани жиро сметки,  тоалетите беа испокршени, без врати, личеа на се, само не нa згради во кои треба да се одвива образовен процес.

Превоз најскап во Македонија,

Обиколницата беше затворена 13 месеци, сите големи камиони влегуваа во градот, патиштата се оштетуваа, воздухот дополнително се загадуваше, сообраќајот беше понебезбеден.

Ѓубрето на истата беше ,,заштитен знак“ на градот. Не се мрдаше  со прст за да се реши проблемот.

Патот до најголемиот енергетски комбинат во ужасна состојба, патот до Братиндол исто така, од Бистрица до граница дупка до дупка, а Битола- Демир Хисар коцка стара 50- на година. Битола -Могила дел дупки, дел коцка.  До граничен премин Меџитлија многу лошо, а до Прилеп никој и не размислуваше дека треба  да се гради.

Касарната оставена само со кредит за плаќање, без улици, без асфалт, се започнато ама ништо недозавршено. Парите од комуналии собрани ама и потрошени.

„Пелистер“ последен на табелата,

Кога прв пат влегов на градскиот стадион, „Пелистер“ беше последен на табелата со пет играчи и двајца голмани, еден од чкембарите ме праша по битолски: Шо прајме? Кога му одговорив дека ќе се снајдуваме и нема да се предадеме, ме праша- Дали сум свесен, дали знам дека тука нема играчи за мал фудбал, а камоли за голем.

Во салата беше исто. Ракометарите штрајкуваа, немаше плата, дел од нив веќе слободни и размислуваа за нови клубови. Кошарката убедливо последни, со само една победа после десет одиграни кола.

На стадионот имаше само темели, ниту еден столб, ниту еден ред од трибините, Договорот од 5,5 милиони евра потпишан, со многу обврски, ама  платено ништо. Соблекувалните на Ќумурното игралиште искршени, помошното буквално испустено, ѓубре насекаде.

Офицерски на продажба,

Офицерски дом, еден од најубавите делови на Битола, запустен, искршен, искраден, со претходно изразена желба да се продава, како да е нечија лична оставина, а не ако не најубава, тогаш сигурно една од трите најубави градски згради.

Имаше и  договор донесен пред потпишување со кој се сакаше градското осветлување да му биди дадено на некоја данско-шведска компанија, и обврска која требаше ние да ја плаќаме во износ  од десетина милиони евра во наредните 20-на години.

Немаше и полигон за полагање возачки испити. Децата патуваа во Прилеп и Ресен и не убедуваа дека тоа е и добро ( и ден денес не знам зошто).

Ова се само дел од работите кои ги ,,наследивме“ од нашите претходници.

Денес не можам да се изначудам како наследниците на Талески во битолскиот совет, сакаат да зборуваат за образованието, за спортот, за воздухот, за полигонот, за патиштата,  а понекогаш и за Офицерски. Тоа се теми, кои од политички аспект  гледано и треба  да ги одбегнуваат, со цел некои идни генерации да им заборават за ,,злосторот“, кој го нанесоа на Битола. Не само што зборуваат , туку и се убедени дека со една изјава ќе се исперат од целото ,,лошо“ кое го донесоа и го оставија во градот.

Јас сум свесен дека ние не сме перфектни, дека се функционира како што треба и под конец, се е беспрекорно. Не е така, има слабости, има спорост во одредени постапки, ама се бараат решенија во интерес на сите,  а не во интерес на поединци.

Пишува: Валентин Груевски, претседател на Советот на Општина Битола

 

тавовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани