АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Пишува Валентин Груевски-претседател на Советот на Општина Битола
Мојот трет советнички мандат, а прв како власт ми овозможи во овој период да запознам и да соработувам со различни луѓе од различни политички партии. Со некои остануваат пријателства, со некои кафе дружби, со некои многу почит, лошите зборови по извесен период и се подзабораваат, затоа што од некоја дистанца тоа изгледа и забавно, и затоа што добрите моменти се паметат повеќе од лошите.
Секогаш опозицијата се трудеше да има повеќе аргументи, да прочита повеќе, да биде пред советниците од власта, да го познава деловникот, статутот, законите и да биде чекор пред власта. Сакаше да дознае буквално сè, прашуваше по неколку саати на комисиите на кои се носеше буџетот, а седниците некогаш траеја и до доцните ноќни часови. Седница до еден или два часа пред полноќ не беше реткост. Во претходниот советнички состав, опозициските советници имаа по неколку дискусии за секоја точка од дневниот ред, и по мене тоа беше најквалитетната советничка група од оние кои јас ги сретнав, без разлика дали тоа беше власт или опозиција.
АКТУЕЛНАТА ОПОЗИЦИЈА
Денешната опозиција е апсолутно неинвентивна и незаинтересирана за ниедна тема. Досега не сме одржале комисија на Совет на кое ќе присуствува комплетната опозициска советничка група. Многу е тешко дури и членовите на комисијата да бидат присутни на седниците, а комисиите завршуваат дури и незапочнати. Не се искористиле ниту можностите кои ги нуди статутот. Ретки се, исклучително ретки и дискусиите кои зборуваат со аргументи, сопствени анализи и предлози. Она што се повторува неколку пати е ситуацијата, кога после искажаната серија напади, преземени и пресликани од парламентарната говорница, како „предавници“, „неспособни“, „аналфабети“, ништо не направивте да видите крената рака за предлогот кој сте го доставиле и кој сте го образложиле.
Последната седница имаше два примери кои го отсликуваат лутањето и немањето на желба да се заземе вистински курс како опозиција и да се препознаат одлуките кои треба да се поддржат, а кои одлуки треба да искритуваат и да се обидат да се поправат. Да не се гласа заклучок, предложен од власта со кој се повикува расчистување на криминалот во одреден случај, а на зборови да се расфрлате дека сите околу вас се криминалци, неспособни и ќе одговараат е само обично незнаење да се разбере моментот и да се испрати јасна порака дека сте за расчистување на криминалот, без разлика каква боја и кој се е вмешан во него.
Да не гласате и да го пропуштите моментот дека треба да изградиме трафостаница со која ќе овозможиме рефлектори на Градскиот стадион во Битола, е ништо друго туку, непрепознавање на моментот за добивање една голема работа за градот.
ТАЛЕСКИ
Талески и неговите најблиски соработници се уште еден голем товар на вратот на опозицијата кој никако не успеваат да го отргнат од своите мисли и од својата глава. Не поминува ни една седница, а да не излезе некој советник и директно или индиректно да ги брани политиките на екс градоначалникот, не разбирајќи дека со тоа непосредно и помагаат на власта и й го продолжуваат мандатот. Се додека барем и еден претставник на опозицијата мисли дека во минатото добро и чесно се работеше, власта може да е безгрижна.
Мечтаат да се врати времето на безмилосното трошење на парите, на лажните ветувања, на распродавањето на Офицерски, на блокираните сметки на училиштата. Треба да се разбере дека тоа време е далеку зад нас и дека никогаш повеќе нема да се врати. Се поставија нови стандарди, нови транспарентни политики, во интерес на сите граѓани, а не само на поединци. Поради таквите политики ќе имаме Полигон, Офицерски, Стадион (со рефлектори), Базен, Куглана, Градинка ( па и две нови), Обиколница, Пречистителна на Пелистер, Ракомет, Фудбал, Кошарка, реконструирани училишни дворови, Детски паркови, Битола ни е многу повеќе осветлена, поцветна, училиштата реконструирани, „Пазари“ со фотоволтаици и реновирана управна зграда, „Водовод “со нови агрегати, стопански двор, нова механизација.
Времето пред нас ќе ја потврди тезата за чесната работа која дава резултати. Некогаш можеби е споро, ама успехот е загарантиран.
(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)